Кондовски кон битолчани: Вашата поддршка ми значи, одиме на голема победа!

by Fokus

Од денес пристапувам со уште поголема мотивација, желба и посветеност да допрам до секој мој сограѓанин претставувајќи ја визијата за подобро утре. Во вториот изборен круг ќе дадам се од себе да ја максимизирам поддршката од битолчани, изјави денеска кандидатот на СДСМ и коалициските партнери за градоначалник на Општина Битола, Христо Кондовски.

„Битола гласаше на фер, слободни и демократски избори кои впрочем беа олицетворение на изборна кампања што ја водевме заедно со вас. Ви благодарам за големата поддршка и ви честитам за високото ниво на демократска, европска, би рекол – битолска свест. Им честитам на сите учесници на изборите кои излегоа на мегдан пред граѓаните и со својата понуда ја поттикнаа демократската изборна разноликост во нашата општина. Изборните резултати даваат одлична основа за победа во втор круг во кој најавувам повторно позитивна и прогресивна кампања“-рече Кондовски во своето обраќање до граѓаните на Општина Битола.

За следните две седмици тој најави локално обединување на целиот коалициски потенцијал за кој рече дека во прв круг беше разлеан на повеќе страни, како и поттик за излезност на сите кои од различни причини не излегоа на гласачките места.

„Со позитивен пристап продолжувам и кон големиот број граѓани кои вчера го дадоа гласот на кандидатите кои не влегоа во втор изборен круг. Се кандидирав за градоначалник на нашата Битола од срце, со силен мотив и огромна желба да ја менуваме на подобро. Влегов во изборната трка како млад, нов човек во политиката кој стекнатите знаења и искуства низ личните постигнувања во бизнисот е подготвен да ги стави на ваша услуга, заедно да ја обновиме и модернизираме нашата Битола. Ви благодарам што за краткиот период во кој можевте да ме запознаете, ја препознавте мојата енергичност и ми дадовте поддршка во голема мера. Таа поддршка ми значи многу и силно ќе ја оправдам. Драги битолчани, ве уверувам ќе имаме голема заедничка победа која ќе ви припаѓа вам и на нашата Битола“-рече Кондовски.

Поврзани новости