Кондоминас обвинет за затајување данок од 48 милиони евра

by fokus

Грчкото обвинителство поднесе кривична пријава против познатиот грчки бизнисмен Димитрис Кондоминас за даночно затајување и за финансиски криминал. Сопственикот на грчката телевизија „Алфа“ е обвинет за затајување данок во износ од 48 милиони евра и за перење пари во периодот од 2006 до 2008 година, јави Мета.

Обвинителството една година вршело истрага за активностите и за имотната состојба на Кондоминас, откако неговото име било споменато во листите на можни даночни затајувачи кои меѓународните институции ги имаат поднесено до грчкото министерство за финансии. Кондоминас пред обвинителите ги отфрлил обвиненијата и тврдел дека е невин.

Според него, кривичната пријава не доаѓа случајно во период на превирања во медиумскиот простор поради новиот закон за медиуми во Грција, со кој се ограничува бројот на телевизии со национална концесија. Преку соопштение, Кондоминас обвинува дека пријавата е обид да се изврши притисок врз него и има цел да ја дефокусира јавноста од обидот на грчката влада да се ограничи полифонијата и независноста на грчките медиуми.

За потсетување, Кондоминас не успеа да обезбеди национална концесија за телевизијата „Алфа“, што значи дека ако нема промени во медиумскиот закон и ако Уставниот суд го одобри законот, телевизијата ќе мора да го згасне сигналот.

На Кондоминас, сепак, ова не му е прво обвинение за финансиски криминал. Грчкото обвинителство пред две години го обвини за соучество во мултимилионски банкарски скандал, измама и за перење пари од заеми во висина од 110 милиони евра од грчката „Поштенска банка“, обвинение за кое против него се води судски случај.

Кондоминас ѝ е познат и на македонската јавност. Грчкиот бизнисмен го купи земјиштето на плоштадот Македонија, каде треба да се гради Офицерски дом во рамки на проектот „Скопје 2014“, а неговото име се спомнуваше и во скандалот „Маѓар телеком“.

Поврзани новости