Компанијата „Џонсон&Џонсон“ следната недела ќе ја претстави својата вакцина

by Fokus

Американската компанија „Џонсон&Џонсон“ следната недела треба да ги соопшти резултатите од третата фаза на тестирањето на нивната вакцина против коронавирусот, пренесе телевизијата Си-Ен-Би-Си.

Компанијата наведува дека резултатите ќе бидат сеопфатни и многу инклузивни во однос на опфатот на различните групи засновани на етничката припадност, возраста, географското поднебје, вклучувајќи ги Афроамериканците, Латиноамериканците и старите лица. Можно е да има разлика во резултатите од тестовите на места како што е Јужна Африка, каде што е откриен нов многу заразен мутиран вид на вирусот, се наведува во соопштението на компанијата.

Вакцината на „Џонсон&Џонсон“ може да биде одобрена за употреба веќе следниот месец.

За разлика од другите вакцини лиценцирани во САД, вакцината на „Џонсон&Џонсон“ не се дава во две дози во период од три до четири недели, туку само во една доза, поедноставувајќи го целиот процес на имунизација.

Компанијата „Модерна“ вчера соопшти дека работи на зајакнување на вакцината против видот откриен во Јужна Африка, откако откри дека е помалку ефикасна против оваа мутација.

Поврзани новости