Компаниите реално да го намалат негативното влијание врз животната средина, не само да се рекламираат

by Fokus

“Како да разликуваме одржлив развој од Green washing?” е тркалезната маса која се одржа онлајн во рамките на проектот „GEAR – Green Economy for Advanced Region“ на која земаа учество еминентни излагачи од бизнис секторот, во организација на Еко-свест.

– ПроКредит Банка негува еден одржлив модел на работење каде грижата за животната средина е една од корпоративните вредности на банката, во која системски пристапуваме кон ова прашање и се трудиме во континуитет да го подобриме нашиот импакт кон опкружувањето. На кој начин? Од една страна влијаеме кон ефикасно користење на ограничените природни ресурси коишто банката ги употребува – како што се водатa, енергијата, хартијата или горивата. Дополнително нашиот возен парк доминантно се состои од електрични возила со кои влијаеме на намалување на аеро загадувањето, а при тоа произведуваме енергија од обновливи извори и правиме соодветна селекција на отпадот кој го креираме. Со иста важност по основ на ова прашање постапуваме и кога станува збор за соработката со нашите клиенти во процесот на кредитирање. Тука се обидуваме да стимулираме инвестиции во проекти подобни за опкружувањето, но и соодветно да го процениме социо еколошкот ризик на кредитите кои ги финансираме, вели Методија Миноски од ПроКредит Банка, економист, раководител на Одделот за животна средина.

Според Драган Блажев од Тимeлпроект, реализацијата на проекти за енергетска ефикасност како и инвестирање во технологии кои придонесуваат за искористување на обновливи извори на енергија овозможуваат да имаме почиста животна средина, почист воздух, здрава околина, и подобар начин и услови за живот. Тоа треба да ни биде секогаш еден начин на размислување, на делување, затоа што на тој начин добиваме сите. На среден и долг рок секогаш има резултати.

– Во последните години таа свест се повеќе се зголемува од причина што тоа се повеќе се согледува со фактот што трошоците за енергија, посебно кај компаниите во индустријата, кои што се големи потрошувачи на енергија, разбираат дека трошоците на енергија се големи и можат да бидат значителни како дел од оперативните трошоци, што во случаи би значело и дека опстанувањето на компаниите може да биде доведено до прашање. Значи ако не водите сметка за потрошувачката, намалување на трошоците за потрошувачката на енергија и енергетската ефикасност, на некој начин тоа ве прави не-конкурентни на пазарот и притоа може да ја изгубите вашата позиција. Без разлика дали давате некои услуги или произведувате. Сето ова не се однесува само на компаниите, туку и на домаќинствата, појаснува тој.

– Веќе неколку години целиот фокус на FEYDOM, целиот профит што се прави во фабриката се инвестира во еколошки одржливи системи, за пример, кровот овде и на втората фабрика поставени се со фотоволтаични централи кои произведуваат доволно струја за целиот производен погон, тоа е првата работа. Втората работа, ние посадивме шума и се уште садиме, тоа е проект од 100 хектари. Шумата ја садиме во Србија, во Нови Сад. Тоа се 100 хектари. Моментално имаме посадено 40- значи 4 години веќе садиме, тоа се вкупно 24.000 садници. Тоа не е само да ги “брцнеме“ во земја туку тие се одгледуваат правилно преку системот капка по капка, прихрана се прави, како еден тип цвеќиња . Моментално тоа се дрвја кои во првата фаза ги посадивме пред 4 години. Тоа се дрвја од 6 до 7 метри, така што за 6 години тие веќе ќе станат наша суровина. Целата идеја беше да земеме од природата толку колку што може да вратиме. Гарнитурите до крајот на 2021 година ќе бидат со гаранција до 7 години. Материјалите за гарнитурата ќе бидат реупотребливи, појасни Зоран Радоњанин, сопственик на FEYDOM.

Според Здравко Андонов од ЕкоМозаик, консултант за енергија и енергетска ефикасност, граѓаните, но и компаниите се заинтересирани за проекти и планови како да го минимизираат отпадот, како да му најдат нова употребна вредност и дури има компании кои се консултираат за изборот на купувањето на опремата.

– Green washing – е термин кој е создаден негде осумдесеттите години а се однесува на привидни пракси на добра примена и добри мерки во животна средина зад кои се крие нешто друго. Исто така лажно се прикажуваат производи. Green – washing во основна е подобрување на имиџот на производот или на компанија со лажни зборувања, со лажни декларации и изјави. Некогаш компаниите го прават ова од недоволно познавање на проблематиката, но пошесто се прави намерно.Типичен пример е кај дезодоранси, каде што пишува CFC Free, а CFC се забранети со закон, практично секаде во Европа, така да рекламата е да кажеме “небитна и неважечка”. Оваа пракса вообичаено не е регулирана со закон и се случува секаде во светот. Практично јас би рекол дека имаме дупки во нашата свест за животната средина. Бидејќи ако сме навистина посветени да ја заштитиме животната средина, да придонесеме за нејзино намалување, ние реално ќе ги покажеме работите. Голем број на компании се свесни, посебно на големите компании им треба помош, бидејќи законодавството е многу комплексно, постојано се менува има нови нивоа, технологии и ние се трудиме како консултанти тоа да им го понудиме. Како еден комплексен аспект јас би го поврзал тука и со одржливиот развој и циркуларната економија. Се трудиме на нашите клиенти, за среќа најголем дел се сеуште наши клиенти, значи не нѐ оставаат, се трудиме да им помогнеме не само да се усогласат со законодавството туку и да им помогнеме да најдат начин како би биле подобри кон животната средина. Преку минимизирање на отпад кој оди на депонија, минимизирање на создавање на отпад, ре-употреба на отпадот, да кажеме намалување на потрошувачка енергија, намалување на емисии во гасови, совети при избор на нови технологии во процесот кои ќе помогнат тоа да биде подобро, појасни тој.

Преку проектот планирано е вмрежување, зајакнување на капацитетите и промовирање на зелена економија, исто така има за цел зголемување на активностите и влијанието на граѓанските организации од Северна Македонија заедно со Црна Гора, Србија, БиХ и Албанија во заштитата на животната средина.

Проектот го спроведува Еко-свест а финансиран од Европската Унија во рамки на Програмата за поддршка на граѓанско општество и медиуми зa 2016-2017.

Поврзани новости