Комисија ќе испитува зошто очната лекарка што го оштети видот на повеќе од 50 пациенти е веќе три години на боледување

by Fokus

Комисија ќе испитува зошто очната лекарка од Градската болница „8 Септември“, што го оштети видот на повеќе од 50 пациенти веќе три години е на боледување, потврди за „Фокус“, директорот Христијан Костов.

– Веќе три години очната лекарка е на боледување. Според документите што ги доставува се е регуларно, сепак се работи за подолг временски период и мораме да испитаме зошто толку долго време не доаѓа на работа. Затоа ќе формираме комисија за да го испита случајот – тврди Костов.

Екс директорот на болницата, Сашо Стојчев пред три години и забрани на лекарката да оперира по најновата фако метода, при што беше испратена на обука во странство. Таа експресно поднесе тужба против против тогашниот прв човек на болницата за тоа што и забранил да оперира, откако претходно во извештајот на Комисијата за стручен надзор пишуваше дека поради постоење на постоперативни компликации се гледа дека очната лекарка не ја совладала техниката.

Во последните две години, против неа има поднесено неколку приватни тужби од пациенти за несовесно лекување, а нивниот број продолжува секојдневно да се зголемува.

Пациентите се надеваат дека ќе ја истераат правдата до крај, но нивните документи веќе година и пол се чуваат во архивите на Основното јавно обвинителство.

„Фокус“ пред четири години објави серијал на текстови за очната лекарка, која со ласерска операција на перде го оштети видот на преку 50 пациенти.

И.М.

Поврзани новости