Денес во големата сала на Домот на културата ,,Ацо Шопов” во Штип се одржа комеморација за петмината штипјани кои ги изгубија животите во пожарот во Кочани.
Станува збор за музичарот Филип Стевановски (36), средношколецот Филип Ивановски (16), гитаристот Александар Коларов (34), фотографот Александар Ефремов (33) и младиот Дамјан Танески (19). Стевановски исто така беше и директор на штипскиот центар за култура.
Пред присутните семејства на жртвите и нивни сограѓани се обратија министерот за култура Зоран Љутков и градоначалникот Иван Јорданов.
-Да бидам денес овде и да се обратам не беше мој избор. Изборот го направи судбината. Таа вчера до вечното почивалиште испрати пет млади од нашиот град. Нивните имиња долго ќе одекнуваат во нашите мисли. Со нивното заминување од овој свет, ја изгубивме полетноста, енергијата, убавината на пролетта, радоста во меѓусебните разговори, кажа градоначалникот Јорданов.
Присутните им оддадоа почит со едноминутен молк, но и со аплауз, со порака дека невините млади животи кои згаснаа, треба да им бидат патоказ како правилно да живеат и да ја градат својата иднина.
Вики Клинчарова