Комеморација за Милан Завков: Неговите дела, добрина, генијалност, го осудија на незаборав

by fokus

Милан Завков зад себе остави голем број на композиции кои се неизбришлив дел од македонската фолклорна музичка ризница и кои уште долго ќе се изведуваат на сцените и ќе бидат дел од нашето секојдневие. Тој беше брилијантен инструменталист и еден од нашите најголеми виртуози. Во иднина допрва ќе се слави неговиот лик и дело. Ова беше посочено на денешниот комеморативен собир во Фоајето на Националната опера и балет, посветен на првенецот на НУ „Танец“, врвен инструменталист и музички автор, Милан Завков, кој почина ненадејно завчера, во 61-та година од животот.

Директорот на „Танец“ Мартин Вучиќ на денешниот комеморативен собир истакна дека Милан Завков остави трајни вредности во ансамблот на „Танец“ и неизбришливи спомени кај секој од вработените.

-На наш својствен начин, со музика, во иднина ќе му одадеме должна почит на маестро Милан Завков, иако неговата музика и така со сигурност ќе живее уште долги години преку интерпретацијата на неговите творења. Можам со сигурност да тврдам дека споменот на неговиот музички хабитус ќе остане вечно втиснат во ансамблите на „Танец“ и на македонската музичка култура во целост, рече Вучиќ.

Во телеграмата на сочуство од претседателот Стево Пендарвски која денеска ја прочитаа колегите на Завков, претседателот посочува дека Завков зад себе остави голем број на композиции, кои се неизбришлив дел од македонската фолклорна музичка ризница и кои уште долго ќе се изведуваат на сцените и ќе бидат дел од нашето секојдневие.

-Милан Завков беше брилијантен инструменталист и еден од нашите најголеми виртуози. Ќе остане запаметен по неговиот ангажман како долгогодишен раководител на орекстарот на „Танец“ и првенец на оваа иснтитуција. Со смртта на Милан Завков загубивме голем композитор, неповторлив инструменталист, но пред се благороден човек, вели претседателот во телеграмата.

Директорката на Здружението за заштита на авторски музички права, Антоанета Поповска Котевска на денешната комеморација повтори дека загубивме неповторлив виртуоз и автор, кој им го осветли патот на многу млади уметници и автори, оставајќи им аманет да продолжат да ја збогатуваат македонската музичка ризница.

-Животот е едно големо патување кое ни овозможува да се спријателиме со многу луѓе, но во суштина малку од нив остануваат во нашите срца. Со Милан многу одамна почнавме со едно едноставно здраво, а денес кажувам едно оловно тешко збогум. Голема вистина е дека луѓето умираат кога сите ќе ги заборават. Големиот Милан Завков не го дозволува тоа. Неговите дела, добрина, генијалност, го осудија на незаборав. Ќе го паметиме ние, ќе го паметат и генерациите по нас, бидејќи остави свој препознатлив печат на музичките дела кои се слушаат, пеат и едноставно значат македонска музика, додаде Поповска Котевска.

Сашо Либрински од Здружението на естрадни уметници на Македонија напомена дека Милан Завков беше стожерот на вистинската македонска народна и новокомпонирана музика.

-Кога се зборува за ваков великан, зборовите се недоволно силни да го опишат. Ваквите луѓе едноставно треба да ги знаеш, да им ја почувствуваш енергијата и духовноста. Ваквите великани никогаш не умираат, тие живеат вечно, тие се присутни во секој миг и простор. Вонвременскиот карактер на неговата музика допрва ќе не гали, продуховува и ќе ни го одзема здивот. Многу генерации Македонци ќе воспитува, многу среќни и несреќни љубови ќе се пронајдат во неговите песни, многу играорци ќе ги искршат даските на сцените низ светот играјќи на неговите безвременски инструментални композиции, многу вода ќе протече низ Вардар потсетувајќи не на нашиот Милан, додаде Либрински на денешната комеморација.

Тој додаде дека Милан Завков направи цело поглавје во историјата на македонската музика, направи историја, а неговото име ќе се слави со векови.

На сцената Милан Завков има соработувано со многу имиња, а зад него ќе останат над 150 авторски творби, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија, меѓу кои врвните мелодии како „Заиграј со мене”, „Камен да беше срцето” и „Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, „Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, „Лична Јовано” и „Лазарополе” од Наум Петрески, „Пат за Стамболград” и „Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски.

Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и се здобива со углед на еден од најдобрите хармоникаши во земјава, но и на просторите на поранешна Југославија.

Поврзани новости