Комеморација за Илинка Митрева

by Фокус

Со колаж од фотографии од професионалната кариера на поранешната министерка за надворешни работи Илинска Митрева пренесуван на интернет преку видео врска до сите дипломатско конзуларни претставништва на земјава и обраќање на актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи и поранешната шефица на нејзиниот кабинет Санта Аргирова, денеска во Министерството за надворешни работи беше одржана комеморација за Илинка Митрева, поранешна министерка за надворешни работи која почина на 31 јули годинава во Скопје на 72-годишна возраст.

-Илинка Митрева беше личност со префинет вкус со извонредни манири на однесување, вистинска дама која знаеше да ги користи своите таленти и доблести за постигнување дипломатски резултати за својата држава. Од колегите со подолг стаж во Министерството слушнав многу пофални зборови за Митрева. Таа била строга, но правична и искрена и целосно посветена на работата. Се залагала за работна дисциплина и за хиерархија, но знаела и да наградува за постигнати резултати – рече министерот Османи во своето обраќање на комеморацијата.

Тој нагласи дека Митрева спроведе бројни реформи во МНР, а круна на тоа беше донесувањето на првиот Закон за надворешни работи во кој беше предвидено две третини од амбасадорите да бидат именувани од редовите на професионалниот кадар. Во нејзиниот мандат, како што кажа, првпат повеќе жени станаа амбасадори.

-Илинка Митрева ќе му недостасува на нејзиното семејство, на своите пријатели, на своите поранешни колеги од МНР, на генерации на своите студенти, но едно е сигурно таа зад себе остави неизбришлива трага во МНР. Тука сме да одадеме почит на една извонредна личност која несомнено остави личен печат на нашата надворешна политика во исклучително важен и турбулентен период за нашата држава – посочи Османи.

Поврзани новости