Командант Малишева си го сочува мобилниот телефон, од келија пиша дека нема слобода на изразување во затворот

by fokus

Мухамед Анди Красниќи, познат под прекарот командант Малишева, од затвор каде ја издржува доживотната казна за терористичкиот напад во Диво насеље, пиша фејсбук статус во кој вели дека во петокот вечерта се случил инцидент во неговата ќелија откако затворски службеници се обидувале, наводно, да го отстранат албанското знаме.

Од Управата за извршување на санкции денеска соопштија, пак, дека бил извршен претрес во ќелиите на КПУ Идризово, но не поради отстранување на некакво знаме, туку со цел одземање на мобилни телефони. При тоа, како што соопштија од таму, биле одземени шест мобилни телефони од осудениците. Командант Малишева очигледно успеал да го сокрие својот, затоа што следниот ден го пиша овој статус на својот фејсбук профил:

„ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Синоќа, околу 22:20 часот посебни специјални сили на непознати единици без амблем, влегоа во павилјонот во кој сме сместени ние провоцирајќи конфликт на етничка основа, ние сме свесни и воздржани но тие со сите сили се обидоа да ни го отстранат националното знаме, наводно имале наредба, знамето не беше отстрането затоа што резистиравме до тој степен што требаше да се пролее крв до гуша. Треба да знааат сите дека тука безбедност нема, треба да знаат сите дека тука се уште нема слобода на изразување и не се дозволува знамето да се користи или да се става во нашите соби. Сакаме да знаете дека ако уште еднаш провоцираат врз етничка или верска основа ние нема да ја преземаме одговорноста за последиците. Речиси четири години сме во затвор и не сме направиле проблеми и не сакаме едно такво нешто, но од денес ние нема да ја трпиме психолошката тортура. На овие им смета љубовта кон татковината но тие не можат да ни ја одземат, ние сме и ќе бидеме УЧК со срца. Ве замолувам да го споделите и електронските медиуми да ја објават оваа изјава од нас“, пиша Командант Малишева.

Поврзани новости