Кољо до Вељаноски: Дали мирно спиете, ја знаевте целата вистина која не ја кажувате овде!

by fokus
Дали имате грижа на совест за овие луѓе овде, дали мирно спиете бидејќи ја знаевте целата вистина која не ја кажувате овде, го праша обвинетиот Никола Митревски Кољо, сведокот на одбраната Трајко Вељаноски кој сведочеше денеска на рочиштето за 27 април.

Сепак Вељаноски не одговори на ова прашање бидејќи приговараше одбраната на неговиот телохранител, а судот го прифати приговорот. Кољо го праша претходниот претседател на Собранието и дали тој ја дал наредбата да се отворат вратите на Парламентот, за народот да влезе и, како што рече, да направи општ хаос. На тоа Вељаноски негираше.

-Ниту сум помислил ниту сум кажал некому да ги отвори вратите. Јас сум бил претседател на Собранието и знам што значи таа институција – одговори тој. Кољо го праша и дали такви наредби дал преку вибер комуникација и преку смс пораки, на што Вељаноски повторно одрече велејќи дека тоа не е вистина.

-Дали е точно дека вие како пратеници не ја завршивте вашата работа поради што го наведовте народот да ја заврши? -праша обвинетиот, но не успеа да го испровоцира Вељаноски, кој рече само дека пратениците имаат друга функција.

-Ќе се согласите ли дека пратениците Мукоски и Василевски не требале да ги отворат вратите на своја рака, дека има внатрешно обезбедување и дека требале од него да побараат отворање на вратите? – праша тој.

-Кој ги отвори вратите ќе си утврди судот и тој ќе каже, јас не сум дојден да давам констатација за тоа – одговори Вељаноски.

На што Кољо рече дека изгледа тој не бил претседател на Собранието во дадениот период.

Поврзани новости