Колку пари ќе добијат учесниците на двојните избори?

by Фокус 13:07
13:07

Предлог-одлуките за надоместок на трошоците на учесниците во изборните кампањи на изминативе претседателски и предвремени парламентарни избори се наоѓа на дневниот ред на денешната собраниска седница. Според Изборниот законик, предлагачите на кандидатите за претседатели и за пратеници ќе инкасираат по 15 денари од освоен глас. Во двете одлуките се наведува дека трошоците ќе се надоместат од буџетот најдоцна во рок од три месеци по поднесувањето на финансискиот извештај за изборната кампања.

Тоа значи дека 534.910 гласови, колку што освои Ѓорге Иванов, ќе му донесат на ВМРО-ДПМНЕ како партија што го кандидираше 8.023.650 денари. Стево Пендаровски, пак, кој освои 398.077 гласови, ќе прелее кон СДСМ 5.971.155 денари.

- Advertising -

На изборите за шеф на државата учествуваа и Илијаз Халими од ДПА и Зоран Поповски од ГРОМ, кои, исто така, имаат право на надоместок затоа што освоија најмалку 1,5 отсто од гласовите од излезените гласачи. Така, гласовите на Халими носат 584.490, а на Поповски 470.520 денари.

Што се однесува до изборите за пратеници, владејачката дваесетпартитна коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 481.615 гласови, односно 7.224.225 денари. Најголемата опозициска коалиција на чело со СДСМ освои 283.955 гласови или 4.259.325 денари.

Албанската ДУИ ќе заработи 2.283.825 денари за освоените 152.255, ДПА ќе земе 978.210 денари за 65.214 гласови, а ГРОМ 462.735 денари за 30.849 гласови. На крајот остануват НДП со 220.365 денари за 14.691 гласови, ВМРО-НП со 134.625 денари за 8.975 гласови, како и Достоинство, која освои само 50 гласови, односно 750 денари.

Поврзани новости