Колку од дупката од 6.100 денари ќе закрпи покачувањето од 2200 денари бруто на минималецот?

by Fokus

Работниците за март ќе земат минимална плата повисока за околу 2200 денари бруто и согласно законската методологија за пресметка ќе биде околу 24.400 денари.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека минималната плата може да биде и повисока, доколку дојде до договор помеѓу работниците и работодавачите.

Тоа во овој момент не е можно со оглед на тоа дека работодавачите порачаа од Владата да ги замрзне придонесите за да ја покажат платата на 31 илјади денари, но министерката за финансии Гордана Кочоска- Димитроска им порача дека тоа не е можно во овој момент.

Според премиерот, Владата го почитува Законот, а Комисијата за утврдување на репрезентативноста на синдикатите работи на процесот за вклучување на работнички претставници во економско-социјалниот дијалог.

„Ако се договарат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање“, порача Мицкоски.

Граѓаните го поддржуваат секое зголемување на платата, но се свесни дека растот на трошоците не можат ниту да го бркаат, не пак да го стигнат со овие 2200 денари.

Овие 2200 денари се премалку да се покријат трошоците од минималната синдикална кошничка на ССМ. Според податоците од ССМ, синдикалната кошница за месец јануари 2025 година била 62252 денари без да се земат во пресметката трошоците за станарина, струја, вода и греење кои се некаде околу 21.400 денари месечно. Во јануари 2025 година на граѓаните им требале 23198 денари само за храна и за пијалоци.

Оваа ставка за една година е зголемена за 2200 денари колку што е зголемувањето на минималната плата од 1 април. Но, вкупната Синдикална минимална кошничка од 57163 денари за јануари 2024, се зголемила на 63252 денари за јануари 2025 година или за 100 евра.

Нова социјална непревда минималната плата ќе донесе и кај оние што примаат плата малку над минималната и нема да добијат покачување кое е гарантирано со закон. Згора на тоа досега секое зголемување на минималната плата досега беше проследено со поскапување на основните производи со што се поттикнува нова инфлација.

Орце Костов

Поврзани новости