Колку чини слободата

by Фокус

Велат, слободата нема цена, ама тие што тоа го велат, очигледно не биле во Македонија. Овде слободата чини две единици една до друга, па уште шест нули, во евра нормално. А обичната раја нека чмае по притвори кога нема пари и партиски влијанија

Јанаки МИТРОВСКИ

Кој последен се смее, најслатко се смее! – рекол нашиот народ. Така рекол и екс шефот на УБК, кому во очи Нова година, Апелација му ја уважи и втората жалба за притворот по предметот познат како „Плацеви на Водно“, и тој два дена пред најлудата ноќ ја напушти Шутка. Една недела по него, Шутка ја напушта и Јордан Камчев со идентична гаранција од единаесет милиони евра.

Воопшто не сум запознаен дали се работи за истиот совет, кој еднаш веќе му ја прифати жалбата на Мијалков, но прифаќањето на втората жалба беше очекувано. Правно неодржлива состојба е, истовремено за едно лице да има активна гаранција и ефективен притвор. Образложението за Камчев сè уште го немаме, но за него е и полесно – никогаш не се обиде да избега, или барем, јас немам таков впечаток, за разлика од холивудската епизода со Мијалков.

ПРИТВОРОТ ТРЕБА ДА КРАЕ ПОКРАТКО

Како адвокат и бранител, секако дека поздравувам притворот да трае најкратко можно, иако за гореспоменатите, богами, потраја едно десетина месеци. Но, проблемот се јавува кога гаранциите не се прифаќаат за т.н. обични криминалци, без бели јаки, без длабоки бизнис и политички врски, или сумирано, осомничени или обвинети, кои не се од висок профил.

Конкретно, во моментов работам предмет каде што обвинет е неправосилно осуден на четири години и пет месеци затвор за шверц на десетина килограми канабис. Притворот му беше продолжен до правосилност на пресуда. Спроведовме постапка за проценка и впишување гаранција на неговата семејна куќа на три ката во која живее во семејна заедница со своите родители, двајца браќа со своите сопруги и деца, од кои едната сопруга во поодмината бременост. Имотот беше проценет на деведесетина илјади евра.

Кривичниот совет не му ја прифати гаранцијата, без разлика што е илузиорно да се верува дека некој ќе бега и ќе си го остави целото семејство на улица, а има за лежење не така драстична санкција.

ПОТЕКЛО НА ПАРИТЕ НЕ СЕ БАРА

Но, мојот властодавец не е ниту Мијалков, ниту Камчев, а нема ни единаесет милиони евра за да ја убеди судската власт дека нема да се даде во бегство. Потеклото на парите никого не го интересира, со уверување дека дваесет и два милиони евра се од семејни бизниси. Пеки.

Велат, слободата нема цена, ама тие што тоа го велат, очигледно не биле во Македонија. Овде слободата чини две единици една до друга, па уште шест нули, во евра нормално. А обичната раја нека чмае по притвори кога нема пари и партиски влијанија.

Министерот Маричиќ овојпат немаше коментар за идентична ситуација, кога веќе несмасно се излета првиот пат, а не ни бара Судскиот совет да реагира. На крај јадна е онаа земја во која Панчевски и Маневски (кој патем го разреши судијата Митриновски за иста работа, пуштање Бајруш од притвор) коментираат дека некој влијаел врз судството. Јадна!

Поврзани новости