Која е судијката од „Трезор“ – случај за кој пресудата се пишувала пет месеци?

by fokus

Судијката Лирие Елези била судија известител во случајот „Трезор“ за којшто работната група од Судскиот совет утврди дека Апелација без образложение пет месеци ја пишувала одлуката со која му беше укината деветгодишната казна на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Таа е ќерка на поранешен судија и обвинител, а нејзниот сопруг работи во Агенцијата национална безбедност, односно поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, со којашто раководеше токму Мијалков.

Според медиумските архиви нејзниот покоен татко е родум од кичевско село, а бил судија во Основниот суд во Кичево, а потоа заменик на Јавниот обвинител на Македонија се до 2018 година.

Според нејзината официјална биографија, судијката Лирие Елези Ајрулау почнала да работи во Апелациониот суд во 2018 година и решавала предмети од кривична област.

Дипломирала во 2004 година на Правниот факултет во Скопје, а правосуден испит положила во 2006 година. Прво работела во Собрание, потоа во Националниот демократски институт во Скопје.

Од 2005 до 2010 година работела во Министерството за локална самоуправа. Веднаш по завршувањето на Академијата за судии и јавни обвинители била примена во Основниот суд Скопје 1 каде работела седум години, до 2018 година, кога била избрана за судија во Апелација.

Од она што е објавено,во биографијата, судијката посетувала огромен број на обуки во земјава и во странство.

Во случајот „Трезор“ односно за набавката на британската опрема за прислушување во УБК, Судскиот совет констатираше дека не поминало  долго време  од одржување на јавната седница до донесувањето одлука, но нема образложение зошто на Апелација ѝ требале пет месеци за да ја напише пресудата откако била донесена одлуката.

Судија известител била токму Елези чија надлежност е динамиката на предметот.

Случајот „Трезор“ го работеше СЈО, а со истрагата беше опфатена и фирмата Финзи преку која се вршела набавката.

Елези била дел и од Советот на Апелацискиот суд, заедно со судиите Тања Милева и Ѓоко Ристов што донесоа одлука да му се укине мерката куќен притвор на поранешниот генерален секретар на Влада, Драги Рашковски со гаранција од 192 илјади евра.

Таа била и дел од советот на Апелација заедно со судиите Зоран Димитриевски и Енвер Беџети кои донесоа решение со кое на обвинетиот бизнисмен Орце Камчев му се укина притворот и му беше прифатена гаранцијата од 11 милиони евра.

Судскиот совет констатираше дека Апелација без образоложение ги одолговлекуваа предметите „Таргет – тврдина“ и „Трезор“ каде главен обвинет е Мијалков, а неговите дела во овие случаи се пред застарување. Елези го водела случајот „Трезор“, а судија известител за „Таргет – Тврдина“ бил Еневер Беџети.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Поврзани новости