Која е разликата меѓу Путин и Радев?

by Fokus

Има ли разлика меѓу реториката на Владимир Путин кон Украина и реториката на Румен Радев кон Македонија? Путин вели Украинците се вештачка нација и биле Руси. Румен Радев вели Македонците се вештачка нација и коминтерновска творба. Тие се Бугари.Градат лажен идентитет.

Пишува: Ѓорѓи Спасов

 

 

Владимир Путин вели Украина е руска земја таму е создадена киевска Русија. Румен Радев вели Македонија е бугарска земја изгубена по балканските, по првата и по Втората светска војна. Охрид е престолнината на бугарските царови.

Путин вели не постои посебен украински јазик, украинскиот е само дијалект на рускиот.

Радев вели не постои македонски јазик, македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Може да биде таков само според уставот на таа реали “втора бугарска држава на Балканот”

Путин вели загрозени се правата на Русите во Украина и тие се изложени на дискриминација. Мора да влезат во Уставот.

Радев вели. Загрозени се правата на Бугарите во Македонија и тие се дискриминирани. Мора да влезат во Уставот.

Путин вели. Секој Русин од Украина има право да добие руско државјанство и пасош и подели десетина илјади руски пасоши.

Сега има право да се грижи за нивните права и интереси во Украина.

Румен Радев им подели десетици илјади пасоши на “Бугарите” од Македонија и сега има право бугарската држава да се грижи за нив во Македонија.

Владимир Путин вели во Украина Русите се жртва на Украинскиот фашизам и нацизам и затоа реши со војна да “ги ослободи” Русите во Украина.

Денес Румен Радев вели во Македонија имало по војната концентрациони логори во кои десетици илјади Бугари биле убивани само затоа што се Бугари. Тоа е фашизам. Денес Северна Македонија е членка на Нато и тешко е изводливо со воена акција како Путин да ги заштитиме правата на Бугарите, но и со вето за членство на С. Македонија кое е еднакво на економски санкции, подигање на евроскептицизмот во земјата, јакнење на националистичките сили и туркањето на С. Македонија кон Србија можат за почеток да се постигнат путиновите резултати во С. Македонија.

Само Румен Радев знае во чиј интерес води таква политика обвинувајќу ја С. Македонија водење антибугарска пропаганда, говор на омраза и градење лажен идентитет на нацијата врз основа на историски фалсификати.

И секако. Тој не сака во разрешувањето на ова билатерално прашање да бидат вклучени некои други посредници како што беа вклучени во решавањето на нашиот проблем со Грција.

За ова треба да решава само Бугарија бидејќи таа го има клучот за влез на С. Македонија во ЕУ а според неа тоа ќе се случи откако ќе прифатиме се од списокот на Румен Радев.

А во заедничките акции на НАТО , Македонците и Бугарите ќе треба да си го чуваат грбот и да гинат едни за други. Но тоа генералот Радев не го засега.

Мисли веројатно дека има мандат да говори и да прави што сака.

Ништо не сфати и од руско украинската војна и каде таа негова реторика може да го поведе безбедносно Балканот.

Можеби, ако имаме среќа, некои земји постари членки на ЕУ и САД тоа ќе го сфатат.

Поврзани новости