Која е Месила Дода – албанска пратеничка со корени од гостиварско која Македонија ја нарекува Илирида?

by Фокус 18:42
18:42

Албанската пратеничка Месила Дода ги разбранува страстите во и онака зовриената политичка атмосфера во Македонија, откако речиси сите медиуми редовно и ревносно ги пренесуваат нејзините провокативни изјави од типот дека Македонија е стара албанска покраина наречена Илирида и дека доколку не се зголемат правата на Албанците тие треба да прогласат самостојност.

Дел од политичките аналитичари оценуваат дека ваквите националистички изјави на политички маргиналци се секојдневен декор во регионот, особено во пресрет на изборно соочување, какво што наскоро има во Албанија. Но, она што, според нив, во овој случај е симптоматично, е пристапот на голем дел од домашните медиуми кои овие изјави ги експлоатираат во овој политички контекст, предизвикувајќи страв и нетрпение кај етничките Македонци во однос на Албанците.

-Не може Иванов, Груевски, или друг антиалбанец да си игра со животите на тамошните Албанци и да ја претворуваат во европска Палестина. Албанците од Илирида треба да бараат целосни права и доколку Заев се повлече и доколку претседателот што го потпиша крајот на својата држава не даде оставка, треба под итно да се соберат сеалбанските политички сили и да помогнат Илирида да оддржи референдум за прогласување на самостојност – изјави пред неколку денови Дода.

Ваквите изјави ги осуди македонското Министерство за надворешни работи, од каде истакнаа дека неодговорните јавни настапи со навредлива и запаллива реторика на јавни личности, кои по својата функција налагаат и подразбираат одговорност за јавно искажаниот став, не се во духот на добрососедските односи и декларираните заложби за пријателство и соработка меѓу двете земји, како и духот на европските вредности.

„Со сето разбирање дека изјавите се индивидуален став и чин на поединци, очекуваме официјалните лица во соседството да се воздржат од потпалување на тензиите во регионот. Далеку покорисно би било доколку нивната енергија би ја насочиле кон конструктивни предлози и иницијативи, со што би ги зајакнале соработката и довербата меѓу двете земји, би го подобриле стандардот на граѓаните, но и би ја забрзале европската интеграција“, порачаа од МНР.

Со слична реакција се јави и СДСМ, истакнувајќи дека ваквите провокативни изјави не се во духот на градењето добрососедски односи и меѓусебно почитување меѓу две соседни земји. Како што порачаа социјалдемократите, ваквите јавни настапи одат во прилог само на оние кои креираат поделби и работат на поттикнување раздор и нетрпеливост, спротивно на европските вредности. Пратеникот од оваа партија, Мухамед Зеќири, пак, дури ја обвини Дода за лажен патриотизам.
Ниту Дода не остана покуса, која на нејзинито фејсбук профил напиша: „Читам во медиумите дека во ФИРОМ побарале да ме прогласат за персона нон грата. Не е проблем тоа за мене, но еднакво е неприфатливо од држава која нема основа за постоење и во која заедничка точка за соработка на сите етнички заедници е кршењето на правата на нашите сонародници. Ова значи дека единствено ќе прифатам да одам во Илирда. За мене ФИРОМ еднакво е „нон грата“ и таа престана да постои оти е лабораторија за албанофобија“.
Политичкиот аналитичар Џелал Незири смета дека со ваквата националистичка реторика оваа политичарка и нејзината партија опстојуваат, при што користат или злоупотребуваат процеси и кризи во други држави, кои патем имаат некаква врска со етничките Албанци. Според него, ваквите настапи се во склоп на предизборниот амбиент во Албанија, но можат да бидат протолкувани и на друг начин.
– Изјавата на Дода може да биде протолкувана и како придонес за агендите кои претпочитуваат нов конфликт во Македонија да се спасат корумпираните политичари во земјата, но и во регионот. Тие се во спротивност со интересите на сите граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и граѓаните Албанци – мирна и просперитетна држава, демократска и интегрирана во Нато и ЕУ – вели во изјава за Фокус Незири.
Според јавно достапните податоци, оваа пратеничка од 2001 година е една од основачите на Демократската партија во Албанија, моментално предводена од Љуљзим Баша, кој прави сериозни напори да ја урне владата на социјалистите на Еди Рама, чија улога на олеснувач при потпишувањето на албанската декларација на лидерите на македонските албански партии беше повеќе од очигледна. По напуштањето на демократите во 2016 година, таа ја формира Партијата за правда, интеграција и единство, дел од владејачката коалиција, која најдиректно се произнесува за политичките случувања во земјава.
„Ја поздравуваме заедничката политичка платформа на албанските партии во Македонија. Петнаесет години по Охридскиот договор, неговите главни услови се уште не се исплонети. Формализирање на албанскиот јазик, како и државноста на населението, што се гледа во застапеноста во највисокиот врв на државата, државните симболи и распределбата на буџетот, треба да биде јадрото на идната влада на Македонија, каде што албанските партии се клучен фактор. Унија на албанскиот фактор е одлучувачки чекор во оваа насока и треба да остане со декларираните црвени линии за време на преговорите за нова влада“, стои во едно од соопштенијата на пваа партија.
Дога и другите претставници на оваа партија, која има 8 пратеници во 140-членото Собранието на Албанија, постојано говори за Албанците надвор од Албанија, пред на Чамите во Грција, но и на Албанците во Србија, Црна Гора и Македонија. Кога станува збор за Дога, таа секогаш говори за Албанците од Македонија, бидејќи, како што самата изјавила, освен што уставна обврска на Албанија е да се грижи за Албанците каде и да се наоѓаат, дел од нејзиното потекло е од гостиварскиот дел.
В.С.

Поврзани новости