Која е Емине, младата невеста на Реџепи?

by Fokus

Името Емине Јетиши стана едно од најпребаруваните на интернет изминативе денови, откако албански медиуми објавија информација дека 24-годишната девојка е новата сопруга на сега веќе разрешениот реис Сулејман Реџепи (74).

Од она што можеше да се прочита, се работи за 50 години помлада невеста на поранешниот поглавар на ИВЗ, која била потпретседателка на огранокот на ДУИ во Студеничани, и која имала четири-годишна ќеркичка.

Се објавија заеднички фотографии на Емине и Сулејман, на кои тие се држат за рака, фотографии од прстени за кои се тврди дека се веренички, но ниту од младата, ниту пак од младоженецот на темава нема глас во јавноста. Потврда на веста или пак евентуално демант, и по неколку дена од првата објава која ја заинтересира јавноста, се уште нема.

,,Фокус” се обиде да стапи во контакт со Емине, но сите обиди завршија безуспешно. Луѓе од ДУИ со кои разговаравме, категорично тврдат дека немаат никаков контакт со неа, немаат телефонски број, ниту пак знаат кој би можел да има. Жители на Студеничани пак, велат дека таа е по потекло од Драчево. Не упатија кај нејзини соработници од партијата, кои само што го слушнаа нејзиното име, веднаш ни одговорија дека немаат ништо со неа и не можат да ни помогнат, односно не знаат како би можеле да стапиме во контакт со неа.

Познаници на Сулејман пак, во телефонски разговор за ,,Фокус” откриваат дека од вчера, по одлуката за негово разрешување од позицијата Рејс Ул Улема претседател на Исламската верска заедница, тој е недостапен на мобилниот телефон.

-Исклучени му се мобилните од вчера, не можеме да го добиеме, ниту пак знаеме каде е. Верувајте, и нас не изненади веста дека се оженил, од медиумите дознавме – ни раскажаа негови блиски познаници.

Останува енигма која е таинствената млада невеста која стана еден од најактуелните ликови во земјава деновиве. Како започнала љубовта со поранешниот реис, како ја надминале разликата во годините, кои се заедничките интереси кои го споиле овој пар, остануваат неодговорени прашања, на кои можеби доколку парот се реши во иднина, ќе даде одговор и ќе ја раскаже љубовната приказна за која новинарските текстови ја надминаа читаноста дури и на текстовите од актуелната пандемија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости