КОЈ (ТРЕТ) ПАТ ДА ГО ФАТИМЕ?

by Фокус

Во Македонија се ретки примерите, кога партија настапила соло, без да се лепи за некоја поголема партија и влегла во парламентот, а непостоечки се примерите кога таквите ретки примери, пак, останале вон голема коалиција

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Македонската космодиск демократија, како што љубеше да ја нарекува екс претседателот Ѓорге Иванов, следната година ќе наполни три децении живот, онолку колку што се поминати од првите повеќепартиски избори, кога нали дојде демократијата во државава. Од тогаш, па натаму, политичкиот живот, помалку или повеќе, е сведен на бипартизам, односно СДСМ-ДПМНЕ со повремени или потрајни сателит партии што гравитираат околу двете најголеми, често менувајќи ги и таборите. Во условно речено албанскиот кампус, состојбата е идентична, со таа разлика што ДПА е на работ на екстинкција, и повеќе од сигурно е дека на наредните избори нема да имаат пратеници од своите редови.

Нашата мала земја никогаш не доживеа сериозно развивање на плурализмот, каков што делумно видовме во Србија, Грција, па и Бугарија. Иако земји со сериозни демократски дефекти (Србија го имаше Милошевиќ, Грција и Бугарија се ноторни негатори на малцински права), сепак, овие земји нудеа и нудат богата разновидност на идеолошки ориентирани партии. Во Србија ќе најдете политичка партија по сечиј вкус – од демократи, до конзервативци, ултранационалисти, умерени националисти, либерали итн. Иако цензусот за влез во парламент им е идентичен како и нашиот – пет проценти. Грција, пак, има понизок изборен праг од само три проценти, каде што палетата на политички разновидни партии оди од екстремно десно (за среќа на последните избори Златна зора извиси) до екстремно лево, иако Сириза веќе не може да се нарекува екстремно лева, туку полтронска партија, која ги предаде своите гласачи. Бугарија, пак, сè до последните избори имаше осум партии и коалиции кои самостојно влегоа во парламентот.

Во Македонија се ретки примерите кога партија настапила соло, без да се лепи за некоја поголема партија и влегла во парламентот, а непостоечки се примерите кога таквите ретки примери пак останале вон голема коалиција. НСДП собра седумдесетина илјади незадоволни гласачи на СДСМ во 2006 година, но оттогаш, па наваму е приврзок на СДСМ. ВМРО-НП, иако целеше многу повисоко, во 2006 година освои околу шеесет илјади гласови, и потоа партијата де факто се распадна, бидејки голем дел од членството се разбега или се врати во ДПМНЕ, па сега Народна е сведена на мала шака луѓе.

Веројатно, најпознат пример на таканаречена трета партија во Македонија е Демократска алтернатива на Васил Тупурковски. Партија формирана од харизматичниот и кроток професор, која набргу по влегувањето во власта со мегаветувањето од Тајван за милијарда евра инвестиции, бргу се потроши и за речиси три години повеќе и немаше пратеници. Оваа партија, во 2004 година, заедно со Социјалистичка на Ѕинго и Демократскиот сојуз на Павле Трајанов најави формирање трет пат, што е само по себе комично, имајќи го предвид фактот дека тројцата лидери се одамна во политиката, но дружбата бргу се растури откако СПМ влезе во коалиција со ДПМНЕ.

Во 2016 година, на оскудната македонска политичка сцена се јави партија, која своевремено ветуваше многу – Левица. Формирана како спој од левичарски здруженија на кои им се придружија голем број активисти, пред сè, од левата провениенција. Основана со многу ентузијазам, партијата ветуваше дека ќе биде конкуренција на црно-белиот политички пејзаж. Препознаена како реална закана на долг и среден рок, пред сè од СДСМ, спроти изборниот молк за изборите во декември 2016 година, мала и инструирана група членови (буквално петорица) се обиде да го спречи учеството на Левица на избори. Тие обвинуваа дека не сакале да настапат коалициски со СДСМ, иако им било гарантирано пратеничко место (нешто што никогаш не беше потврдено до СДСМ). Забога, па ако сакале да настапат со СДСМ, зошто едноставно не се зачлениле во СДСМ и отворено да агитираат за таа партија.

Ако овој, условно речено, раскол позитивно ја прочисти партијата, следниот од 2019-та веројатно ќе стави крај на политичките амбиции на нејзините првенци. Се случи расцеп на две крила, за кој раздор, пред сè, се виновни егата на првите луѓе на партијата. Сега Левица е две партии, без разлика кој формално го има печатот, тешко дека ќе се достигне цензусот од кој било табор, а камоли да зборуваме за сериозно загрозување на бипартизмот.

Деновиве во етерот се промовира и нова – Твоја партија иницирана од колегата Александар Тортевски, кому му се приклучи и Мирјана Најчевска, најавувајќи раскрстување со султанизмот во партиите кај нас. Колку тоа ќе се оствари, останува да видиме, бидејќи партијата е во самиот зародиш, без сè уште собрани потписи и избрано раководство. Од ткивото на ДПМНЕ, пак, се отцепи/отцепува т.н. реформско крило претставувајќи македонски концепт. Она што морам да го посочам е дека реформаторите играат на краткото помнење на македонскиот народ. Јас, на пример, не сум заборавил дека СИТЕ тие беа дел од режимот на Груевски, горди послушници, кои откако беше јасно дека бродот тоне, сфатија дека Груевски недемократски владеел. Аплауз! Добар дел од нив ми се колеги адвокати, кои кариерата си ја должат на партијата, застапувајќи јавни претпријатија. Тоа, веројатно, беше во периодот кога Груевски не беше недемократски настроен!

Главниот проблем се финансиите и начинот на финансирање на политичките партии, кој е ултракоруптивен. Солуција е ограничување на висината на примени донации по година, кратењата на можностите за давање енормни попусти од страна на медиумите, и генерално држење на големите пари вон политиката. Но, многу е веројатно дека уште долго ќе останеме заглавени во парадигмата лево-десно, која патем е измислена за да создаде лажна илузија дека имаме избор. Единствената поделба што треба да нè интересира е поделбата владејачи-владеани, а владејачите се сите до еден од партија!!!

Поврзани новости