Кој се „офајди” од буџетските милиони за развој на културата?

by fokus

Откако пред четири дена беа јавно објавени резултатите од Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2020 година, тие се уште ја брануваат јавноста. Околу 6.500.000 евра се одобрени за разни проекти на поединци, здруженија, сојузи и асоцијации, со цел да се поттикне културниот развој во земјава.

Кој колку буџетски пари добил и дали се тие средства оправдани, се едни од најчестите коментари на социјалните мрежи.

Листата на одобрени проекти за 2020 година е долга. Помеѓу финансираните се наоѓаат многу музички фестивали и манифестации, како на пример Скопје Џез Фестивал, со пет милиони денари, Танц Фест Скопје со 3,5 милиони денари, како и фестивалот на забавни мелодии Макфест со два милиони денари.

За хуманитарниот Виенски бал се одобрени 300 илјади денари, а за настанот Авалон повикува, еден милион и 500 илјади денари.

За фестивалот Охридски трубадури се одвоени 800.000 денари, исто толку и за Фест 2020 Охрид.

За Нота Фест 2020 се одобрени два милиони денари, за Таксират фестивал исто така два милиони денари, а за фестивалот Златна Лира 500.000 денари. Забавната манифестација Златна бубамара на популарноста е финансирана со 300.000 денари, за Еврофест 2020 се одвоени 400.000 денари, за фестивалот на гаражни бендови 200.000 денари.

За концерт од 20 – годишнина на кариера на Бесиана Мехмеди се одобрени 150.000 денари, а пак Александар Ристовски добил 350.000 денари за проект насловен како Фем Фатал.

На Ѓорѓи Крстевски за настанот Со изворот во Европа, му се одобрени 150.000 денари, а на Златко Ориѓански за проектот Ориѓански – Бени Шаќири Ск – 2014, му се одобрени 250.000 денари. Ориѓански исто така за проект насловен За кого, ќе добие 80.000 денари.

За издавање на ЦД на Јулијана Николовска се одобрени 120.000 денари, а за издавање на албум на Дино Имери 80.000 денари. Исто така, на Имери за концерт му се одобрени уште 120.000 денари.

За манифестацијата Галичка свадба се одобрени еден милион денари, а за Фолк Фест Валандово, два милиони денари.

На Тимко Чичаковски за издавање на албумот ,,На гости ти дојдов Кито” му се одобрени 90.000 денари, а на Жарко Кујунџиски за проектот ,,Преку праг рака не се бацува” се одобрени 120.000 денари.

За јубилејната прослава 1000 години Бигорски манастир се одобрени 800.000 денари, за Струмица Опен Фест 2020 се одобрени три милиони денари, а пак на Боби Серафимовски за промоција на авторска музика во Њујорк, САД, му се одобрени 180.000 денари.

Имиња на познати културни работници, но и такви кои се анонимни и непознати за пошироката јавност изобилуваат листите со резултати од конкурсите на Министерството за култура.

Останува отворено прашањето дали финансираните ќе ги оправдаат одобрените средства и ќе и понудат на јавноста богати културни програми и проекти во текот на годината.

Вики Клинчарова

Поврзани новости