Кој сѐ донирал за кампањата на Иванов?

by fokus 12:31
12:31

Ако првиот извештај, доставен до ДИК, покажа дека за Иванов неговите симпатизери донирале вкупно 230.000 евра, вториот извештај покажува дека се собрани уште 244.000 евра. И сега за претседателскиот кандидат донирале министри и градоначалници, кои од својот џеб одвојувале од скромни 500 до 200.000 денари.

Па така, најголемата сума ја донирал извесен Александар Никовски, за кого имаме неофицијална информација дека работи во кабинетот на Никола Груевски. Од министрите со финансиска помош се истакнале Гордана Јанкулоска која донирала 30.675 денари, исто толку донирал и заменикот министер Зоран Коњановски, а Иво Ивановски дал 25.000 денари.

Од градоначалниците ќесето за Иванов го одврзале неколкумина и тоа, Коце Трајановски со 30.013 денари, Борче Стамов дал 22.000 денари, Сокол Митровски 30.675 денари, Ратко Димитровски и неговиот колега Дарко Шехтански по 26.000 денари, а илјада денари помалку донирал градоначалникот Жика Стојановски.

- Advertising -

Со финансиска помош се истакнале и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како и доскорешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој донирал 43.000 денари. Пратеничката Силвана Бонева го олеснила домашниот буџет за 35.000 денари, Благордна Дулиќ, Александар Николоски и Илија Китановски дале по 30.000 денари, а три илјади повеќе дала Весна Пемова.

Додека, пак, Соња Липиткова, државен секретар во Министерството за животна средина, која во јавноста истакна дека нејзиното семејство е просечно, донирала 27.000. Со солена сума од 45.000 денари се истакнал и директорот на АЕК, Роберт Орданоски. Меѓу останатите донатори се забележуваат и имињата на директорката на Фондот за здравство, Маја Парнаџиева Змејкова, која донирала 30.000 денари, три илјади помалку дал директорот на Македонски шуми, Жарко Караџоски, а актерката Јелена Жугиќ,  дала 20.000 денари.

Најголемиот дел од овие средства се потрошени за реклама и пропаганда. За изборната кампања на кандидатот од СДСМ, Стево Пендаровски, вкупно се потрошени речиси 100.000 евра, а за кампањата на Зоран Поповски, кандидатот од Гром, само 500 денари. Илјаз Халими од ДПА, според двата извештаи поднесени до ДИК, потрошил 8.280 евра, а преку донации собрал 3.252 евра.

 

Поврзани новости