Кој ќе одговара затоа што обвинителството застапувало предмет без сериозни докази?

by Фокус 09:23
09:23

Текстот е објавен на први април 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 822

Пишувал
Саше ДИМOВСКИ

- Advertisements -

Ќе ми недостасувате, бидејќи заедно поминавме четири години во судницата, им рече струмичката судијка Марина Абрашева на обвинетите Здравко Тумбовски, Загорац Тумбовски, Ѓорѓи Теневски, Блаже Србиновски, Левко Таневски, на нивните адвокати, на оштетените и на обвинителката, при завршувањето на повтореното судење, пред да ја објави по втор пат ослободителната пресуда во овој случај.

Судот констатира дека обвинетите не ги измамиле и не ги довеле во заблуда оштетените Мито и Ване Бојчеви од Радовиш кои живеат во Америка, со тоа што купувале акции во нивно име и плаќале од сметките за кои добиле овластувања и нотарски заверени полномошна испратени од САД, за кои Бојчеви тврдеа дека се фалсификувани, за што со вештачење беше утврдено дека обвинетите не го фалсификувале, бидејќи има оригинални потписи и печат што го користеле нотарите во Америка.

Приказната на Бојчеви започнува во 2006-та, кога тие поднесуваат пријава до обвинителството во Радовиш дека ги довеле во заблуда до сега обвинетите со тоа што на Мито Бојчев лажно му претставувале дека кредитот што бил земен за фирмата Лидер транс, а за кој кредит биле дадени во залог акциите на Јака Табак, фирми во кои Бојчеви имаат значителен дел од капиталот.

Тогаш, радовишката обвинителка Лиле Стефанова ја отфрлила пријавата бидејќи после прибирањето на потребните известувања утврдила дека пријавените постапувале токму во интерес на Мите Бојчев и на ШИК Плачковица. Според дадените овластувања во полномошната, тие ги продале заложените акции, а со парите добиени од акциите го сервисирале долгот кон лицето што ги презело обврските во нивно име. Обвинителката оценила дека нема елементи на кривични дела измама, даночно затајување и фалсификување исправа, кои се гонат по службена должност!

ПРИЈАВАТА Е ОТФРЛЕНА, ПА ПРИФАТЕНА!?

Но, неколку месеци по истата пријава струмичкото обвинителство поднело обвинение за истите наводи во пријавата што биле и пред радовишкото обвинителство. И, по две години судење, по низа изведени докази и вештачења, кои покажале како оделе парите, кој заложувал акции, кој купувал, како Јака била гарант за кредитот на Лидер транс, струмичкиот суд донесе ослободителна пресуда.

Браќата Бојчеви реагираа на ваквата одлука, а по жалба на обвинителството, судот во Штип ја укина пресудата, но не даде сериозни укажувања, туку само да се допроверат одредени работи, што сега ги стори струмичкиот суд, и со дополнителното вештачење повторно донесе ослободителна пресуда.

Обвинителката Лидија Георгиева во завршниот збор тврдеше дека од изведените докази, а посебно од изјавата на оштетениот Мито Бојчев, како и делот од изјавата на распрашаните сведоци, се утврдило местото, начинот и времето – како обвинетите се запознале со оштетениот Мите Бојчев, се утврдило на кој начин оштетениот Мите Бојчев стекнал огромна доверба кај обвинетите, за да им даде одврзани раце да работат во негово име и за негова сметка, не очекувајќи дека ќе биде изигран.

„Факт е дека обвинетите, искористувајќи ја состојбата колку можам слободно да кажам, наивноста на оштетените Бојчеви, кои што дејствија дозволува да бидат преземени и во име на неговиот брат Ване Бојчев, се направени со добро познавање на тргувањето со хартии од вредност и спровирање низ можностите и извршување на вистинските состојби со прикажување на лажни факти на оштетениот Бојчев, на неговите настојувања да му се дадат акционерски книги, акциите што ги купил на име на Даниел Даов да бидат префрлени на негово име, како и купувањето на акциите од Табак осигурување да го уверат дека сето тоа со тек на време ќе биде средено и се ќе си дојде на место, меѓутоа, од изведените докази, судот можеше да утврди дека тоа нешто ниту е направено и до ден денес нема ништо сменето во однос на состојбата“, рече обвинителката во завршниот збор на кој реагираа адвокатите, тврдејќи дека обвинителката, на место со докази, целата постапка ја водела верувајќи му само на оштетениот, а дополнителен доказ за тенденциозноста на постапката е тоа што обвинителството утврдило и штета, иако вештакот тврди дека не може да утврди штета!

Адвокатите сметаат дека на ваков начин обвинителката ја злоупотребува својата позиција и треба кривично да одговара, бидејќи вади суми од ракав, неутврдени од вешти лица и спротивни на доказите.

Адвокатот на оштетените Бојчеви, Звонко Давидовиќ, вели дека полномошната со кои се продадени акциите на Митко и Ване Бојчев од страна на обвинетите Блаже Србиновски и Загорац Тумбовски се фалсификат. Приказната дека истите не знаеле дека се фалсификат и дека полномошната се добиени по ДХЛ пошта и подигнати во Скопје не е точна. За него лажни се и исказите на Загорац Тумбовски и Роберт Крстевски, кои велат дека полномошната ги подигнале од централата на ДХЛ во Скопје и тоа благодарејќи на пријател на Роберт Крстевски кој работел таму. Според адвокатот Давидовиќ, ДХЛ пратката била предадена во Радовиш.

Полномошното со кое Бојчев ги овластува своите партнери да продаваат и купуваат во негово име и од негова сметка не е фалсификат, што се покажа и од извршеното повторно вештачење по налог на Основниот суд во Струмица, тврдеше адвокатот Антонио Андреев. Тој бараше да се ослободат директорите на ШИК Плачковица и на Јака Табак, бидејќи не се докажа да обвинетите ги сториле делата за кое се обвинети.

Здравко не ги продал акциите, туку Левко Таневски го платил долгот на ШИК Плачковица према Тутунска банка и станал сопственик на овие акции, тврдеа пред струмичкиот суд.

За обвинетите е јасно дека целата постапка во овој случај е поради тоа што Јака Табак покренала постапка за враќање на заем што му бил даден на ШИК Плачковица. Бојчеви сметале дека заемот кој го зеле од едната за другата фирма во која имаат акции, не мора да го вратат, па кога Јака поднела тужба во струмичкиот суд почнува оваа постапка, која се заканува да ја доведе Јака Табак во стечај, бидејќи беа замрзнати и средства, па неколку месеци вработените не земаа плата и штрајкуваа.

Во вештачењата кои се направени и во парничните предмети е утврдено дека заемот кој легнал на сметка на ШИК Плачковица, Бојчеви го користеле подоцна и за купување на акции во Јака, што исто така е многу сомнително и казниво со закон, но тоа е предмет кој заслужува дополнителна елаборација.

НЕМА ФАЛСИФИКАТ

Судот во Струмица директно постапувајќи по напатствијата дадени од страна на повисокиот суд, можеше слободно, сигурно и недвосмислено да ја утврди уште еднаш фактичката состојба која веќе ја имаше утврдено како и при донесувањето на првата пресуда, така и сега во донесувањето на оваа пресуда, дека нема елементи на делата за кои се обвинуваат, тврдеа адвокатите во судот на завршување на постапката.

Тие потенцираа изјава на Ѓорги Игнатов директор на Тутунска брокер, каде што Мито Бојчев ги истргувал акциите, кој вели дека прв заинтересиран да ги купи акциите дошол Мито Бојчев. Со него се преговарало, му биле кажани условите, а бидејќи се работело за голема трансакција, на овие преговори на Мито Бојчев му било кажано дека согласно прописите во Македонија, тој може да биде сопственик на 24,99% од акциите и бил советуван кои се можностите, доколку сака да дојде до управувачкиот пакет.

– Јас не знам дали Мито Бојчев дал пари за купување акции на друго лице. Инаку, законот предвидува можност да се купи повеќе од 25% од фирмата Јака табак, постоеше можност да се влезе со повеќе од 25%, меѓутоа, трансакцијата ќе одеше многу потешко. Јас Митота, како и секој друг клиент, нормално е да го советувам што треба да прави, вели Игнатов.

Во конкретниот случај, сосема е јасно дека Мито Бојчев не е толку наивен и неинформиран како што се прикажува, туку тој е добро запознаен со целата постапка за трансакцијата за купување на акции од Јака табак од страна на Ѓорги Игнатов, кој му ги има презентирано сите поволности и неповолности околу тргувањето до 24,99% и повеке од 25% од акциите, констатираа адвокатите.

Сведокот Игнатов, нагласија адвокатите, го советувал Мито Бојчев дека  најповолно за него е да купи 24,99%, а не дека не постои законска можност да откупи повеќе, туку дека постапката ќе била посложена. Од тука, се заклучува дека Загорац Тумбовски не го советувал и не го довел во заблуда Мито Бојчев дека не може да купи повеке од 25% од акциите на Јака табак, тврди адвокатот на Загорац.

Затоа, обвинетиот Загорац Тумбовски немал ниту намера, ниту интерес за купување на овие акции за себе или за друг. Со ниту едно дејствие не му овозможил на Даниел Даов да оствари противправна имотна корист, бидејки таква корист нема остварено. Со ниту едно дејствие не е доведен во заблуда, ниту можел да биде доведен во заблуда Мито Бојчев во услови на претходно извршена блок трансакција на Македонската берза, каде истиот извршил тргување на акции на „ШИК Плачковица” Радовиш повеќе од 25% или во првото тргување купил 51,90% а со второто вкупно 69,073%!

Ако полномошната кои ги има испратено Мито Бојчев од Америка, а се заверени кај нотар Владимир Наумовски, пристигнале во рацете на обвинетите Загорац и Блаже, како истите се нашле во обвинителството за организиран криминал и се нашле во овој предмет, кога обвинителството и оштетениот тврдат дека се наоѓаат кај обвинетите, бараше одговор адвокатот на Тумбовски, после нелогичностите во обвинението, кое остана неодговорено до крајот на судењето!

Значи, некој има донесено и презентирано полномошно и тврди дека тоа полномошно е оригинал. А, единствен кој има интерес е Мито Бојчев. Од тука, презентирањето на ова, оригинално полномошно, има сомнително потекло, па, затоа, тоа е суштината на проблемот со кој треба да се занимава ОЈО Струмица пред да покрене обвинение, реагираше адвокатот. Господа судии, Мито Бојчев е единствен кој може да донесе од Америка какво сака полномошно, истото може да биде заверено од било кој нотар и истото може да има било каква содржина, но Загорац и Блаже може да имаат само едно полномошно, а тоа е полномошно кое ќе го испрати Мито Бојчев до нив по ДХЛ!

ЗНАЕЛ СЀ, А БИЛ ИЗМАМЕН!?

Светлана Савиќ, адвокат на Ѓорѓи Теневски, директор на Јака Табак, вели дека од мислењето на вештите лица, како и од увидот во писмената документација, може да се утврди дека акциите кои обвинетиот Теневски Ѓорѓи ги купил од Табак Осигурување за сума од 10.332.000,00 денари, се уплатени од лична сметка на обвинетиот Теневски Ѓорѓи во УНИ Банка, на која паричните средства се уплатени од лицето Даниел Даов, од кредит кој тој го подигнал од Охридска Банка и истиот е исплатен во целост.

Парични средства од наведената сметка на Мито Бојчев не се префрлувани на книшка на обвинетиот Теневски Ѓорѓи во УНИ Банка и со нив Ѓорѓи не купувал акции во Табак Осигурување, како што се товари. Што се однесува, пак, до тврдењето дека паричните средства за купување на акциите на име Даниел Даов, се уплатени од средства на оштетениот Мито Бојчев, е неосновано, бидејќи од девизната книшка на оштетениот Мито Бојчев и дадениот пресек на средствата во износ од 970.000 долари, кои тој ги имал во периодот кога се купувани овие акции, се гледа дека со девизните средства кои ги имал на својата девизна книшка во тој момент, покрај девизните средства кои ги употребил за купување на сопствените акции во Јака Табак АД Радовиш во износ од 37.802.468,00 денари, како и дадената позајмица на ШИК Плачковица од 100.000 евра, други девизни средства на оваа книшка не поседувал во периодот од 29.04.2004 година до 26.01.2005 година, што значи и не можел да ги плати со свои средства акциите кои ги купил Даниел Даов!

Полномошното со невистинита содржина, кое се наведува во поднесеното обвинение, преку овој суд со извршено графолошко вештачење  се утврди дека истото не е фалсификувано, туку напротив е констатирано дека спорниот потпис на нотарот Злате Гелевски е идентичен со доставените неспорни потписи од лицето Злате Гелевски. Исто така е констатирано дека спорниот отпечаток од сув печат е идентичен со доставените неспорни отпечатоци од факсимил и сув печат кои ги користи нотарот Злате Гелевски!

Обвинетиот Теневски Ѓорѓи, со овластување за истите дејствија имал и полномошно заверено кај нотар во Радовиш, чија содржина е неспорна, а е издадено од Мито Бојчев. Покрај ова, ако се изврши увид во нотарските акти, на чие составување бил присутен лично и оштетениот Мито Бојчев, може да се утврди дека оштетениот Мито Бојчев точно ја знаел содржината на нотарските акти, ги знаел последиците од неизвршувањето на определени дејствија.

Оттаму, ако грижливо се прочита нивната содржина, може да се види дека посебно овластување за Банката немало потреба да биде издадено, со цел да ги оствари своите права од нотарските акти, бидејќи заложните должници изјавиле дека се изрично согласни, непосредно врз основа на овој договор кој има својство на извршна исправа, заложниот доверител да може со денот на пристигнувањето на обезбеденото парично побарување, ако должникот не го намири во роковите и условите предвидени со одредбите на договорот за одобрување на рамковен револвинг кредит, врз основа на договорен залог на подвижни предмети, да се спроведе присилно извршување врз заложените акции пред другите доверители, поради наплата на обезбеденото побарување и продажба на истите, објасни Савиќ.

Бидејќи оштетениот Мито Бојчев бил заложен должник, а долгот не е вратен, тој договор добил сила на извршен наслов, за што самиот се согласил со последиците од продавањето на неговите акции. Начинот, пак, како тоа е извршено, сосема е ирелевантен во однос на причинувањето штета на Мито Бојчев, бидејќи тој своите права ги загубил. Превземените дејствија биле во диспозиција на Тутунска Банка АД Скопје!

Од тука, сите дејствија кои ги презел обвинетиот Теневски Ѓорѓи со овластувањето кое го добил од Мито Бојчев, наоѓаат и фактичка основаност во неспорните моменти, дека долгот према Тутунска Банка за кој оштетениот Мито Бојчев бил заложен должник не бил исплатен, а фактот дека тој учествувал во сите фази од постапката, укажува дека тој не е оштетен. Големиот, пак, број на превземени дејствија, укажуваат на имотно-правни побарувања и нерасчистени граѓанско-правни односи помеѓу обвинетите, оштетениот Мито Бојчев и неговиот брат и сведоците Блажевски, нагласи адвокатката Светлана Савиќ!

Затоа, вели Савиќ, зачудува упорноста на застапникот на обвинението, која ги премина и границите на овластувањата кои ги има согласно одредбите од ЗКП. Замислете, во име на наводната вистина беа превземени и посебни мерки, спротивни на одредбите од ЗКП, а со дадено објаснување дека се бара полномошно, неопходно за оваа кривична постапка. Овој факт зачудува, бидејќи и ако се јави ваква потреба, а тоа го допушта законот, овластувањата ги дава судијата кој постапува по овој предмет и никој друг!

Притоа, се бараше полномошно и неговата содржина, барем така бевме известени, која е неспорна во овој кривично правен настан, која беше предмет на графолошко вештачење. Обвинетиот Ѓорѓи Теневски во исказот пред овој суд појасни дека тој му ја испратил содржината на Мито Бојчев за да завери вакво полномошно во САД, бидејќи е тоа неопходно да има таква содржина пред овластените установи во Република Македонија.

ЗАЛУДНИ ТРОШОЦИ

Застапникот на обвинението и во повторената кривична постапка се обиде своите твредења да ги верификува со докази прибавени спротивно на одребите на ЗКП, но, нивното изведување беше спречено со решение на овој суд , потврдено со решение на Апелациониот суд Штип, од што може да се заклучи дека нема граница на законот, која застапникот на обвинението нема да ја помине за да му наштети на обвинетиот Теневски Ѓорѓи.

Согласно упастствата дадени од второстепениот суд, сметам дека овој суд постапи во целост, па со сослушување на оштетениот Мито Бојчев и сведокот Павлина утврди дека оштетениот не бил во заблуда и знаел за сите дејствија. Посебно, како што наведе застапникот на обвинението, како искусен бизнисмен знаел кои се кредитните услови на банката и лично бил присутен кај нотарот при составувањето на нотарскиот акт со кој презел обврски.

Тој е деловен човек и знае дека секој кредит мора да биде вратен, оти во спротивно ќе го изгуби она што гарантот го дал како гаранција. Оштетениот барал нов кредит и заедно со Блажевски одел и барал услга од банките, но не ја добиле, што значи дека знаел дека е должник. Тој бил гарант на Лидер Транс, а не на обвинетиот Теневски Ѓорѓи, па затоа дејствијата кои се опишани во обвинението како дејствија кои ги сторил Ѓорѓи, никако не може да бидат предмет на кривичното дело кое му се става на товар. За нив може да разговараме во рамките на некој морален чин, но тоа не е кривично дело. Во овој правец се конфузните, противречни, на момент и смешни искази на оштетените и сведокот Павлина, кои не знаеја елементарни одговори на прашањата поставени од судот, со кои се покажа дека првостепениот суд правилно ги ценел сите околности кога ја донел пресуда со која ги ослободил од обвинение и обвинетиот Теневски Ѓорѓи и останатите обвинети, заклучи адвокатката Савиќ, барајќи ослободителна пресуда.

По најновата одлука на струмичкиот суд, сега треба да се одмрзнат средствата кои биле замрзнати на почетокот на оваа постапка на обвинетите и на правните субјекти, но, и да се исплатат од буџетот речиси 20 илјади евра за трошоци на постапката, за адвокатски услуги, жалби и вештачења. Кога се носи ослободителна пресуда, тие средства паѓаат на товар на буџетот. За четири години траење на постапката и одењето на триесетина рочишта и малтретирање на странките, воопшто и не станува збор во оваа сума!

Од тука, предметот Бојчеви против ШИК и Јака ја отвора димензијата на злоупотреба на државните органи за политички цели, бидејќи после цели 4 години водење на постапката, не се утврди што е тоа новото кое го открија обвинителите во Струмица, за да ја покренат постапката, а беше поразлично од решението на обвинителката во Радовиш, која за истиот случај ја отфрлила пријавата, наоѓајќи дека таа е неоснована. Еве, таа одлука и по втор пат е верификувана од страна на судот!

Обвинителството упорно турка предмет по угорница, а нас нѐ држи како заложници, кои водиме постапка без докази и само на исказ на оштетен, констатираше адвокатката Јагнула Куновска, која токму поради однесувањето на обвинителството, во случајов предложи обвинителите да депонираат по милион евра, од кој фонд би се обесштетиле странките во вакви случаи, за тогаш добро да размислат дали ќе водат долги и бесмислени постапки!

Ете така, приказната за инвеститорите од САД и нивните пропаднати пари во Македонија, после толку многу време, доби сосема друг тек. Сега судот ќе мора да утврдува, кој на кого навистина му должи. После завршувањето на кривичнава постапка, сега треба да продолжи граѓанската постапка пред судот во Струмица, која беше ставена во фаза на мирување додека не заврши овој предмет. Таму, како тужител се јавува Јака Табак, која ги бара парите кои на барање на Мито Бојчев му биле дадени како кредит во другата негова фирма ШИК Плачковица!

Поврзани новости