Кој истражува јавно мислење во „Павел Шатев“ кога институтот згасна пред неколку месеци?

by fokus

Од Институтот „Павел Шатев“ денеска лиферуваа соопштение до медиумите со резултатите од нивната последна анкета. Анкетата се спроведувала во период од четири дена и на 1.250 испитаници, стои во соопштението.

Истражувачите на јавното мислење во овој институт дошле до заклучок дека 49 отсто од испитаниците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди подобри кандидати на локалните избори, додека 25 отсто ги избрале СДСМ. 67 отсто од граѓаните, според истражувањето, сметаат дека најголем приоритет за државата се економијата и вработувањата, а 34 отсто дека ВМРО-ДПМНЕ може да го оствари тој приоритет. Наспроти тоа во прилог на СДСМ одговориле 19 отсто.

Анкетите кои прогнозираат победа за ВМРО-ДПМНЕ беа често генерирани од овој Институт, но Институт згасна пред речиси половина година. На 2-ри март годинава Собранието на здружението донесе одлука за бришење на овој субјект, а на крајот на март беше и официјално избришано во Централниот регистар.

Денеска во податоците на Управата за јавни приходи не може да се најде даночен обврзник со тоа име, што ја исклучува можноста од негово постоење.

До меилот преку кој беше денеска лиферувано соопштението, испративме прашања под кој субјект се водат, но до објавување на текстот не добивме повратен одговор.

Институтот беше основан во 2012 година, а дел од основачите имаат високи функции во владата на Груевски, кој често се појавуваше на нивните трибини и конференции.

Поврзани новости