Кој е во право: Апасиев или МВР?

by fokus

Пратеникот Димитар Апасиев вчера објави дека поднел претставка до Внатрешната контрола на МВР против полициски службеник за непрофесионално однесување откако тој кога го сопрел со возилото одбил да се легитимира, немал налог за претрес на пратеник (поради пратеничкиот имунитет) и не му издал записник за направен алкотест.  Денеска во изјава за „Фокус“ Апасиев вели дека ваквиот однос покажува дека недостасува професионалност во односот.

-Покажува и дека дел од полицајците не си ги знаат доволно должностите затоа што се примени со кратки курсеви за обука и по партиски списоци по месни комитети на владејачккте партии; дека наместо да бидат на услуга и од помош на граѓаните, тие се користени како механизам за заплашување и казнување. Ако вака се однесуваат со пратеник кој има највисок уставен имунитет, можеме само да претпоставиме како се однесуваат со останатите граѓани. Ова потврдува дека во МВР итно е потребна реформа во насока на подобрување на професионалните стандарди и замена на внатрешната со надворешна контрола, за што ние како партија се залагаме, изјави Апасиев.

Фесјбук статусот што вчера го објави Апасиев

Од МВР пак, велат дека законите важат еднакво за сите граѓани, без разлика на нивната функција. Имунитетот кој според Устав го има пратеникот, го штити од кажано мислење на говорница и гласање во Собрание и го штити од притвор, посочуваат од МВР.

-Во сите останати ситуации, пратеникот е еднаков пред законите како и сите други граѓани.Полицискиот службеник нема обврска да издаде записник доколку проверката не покажува прекршок. Јавните функционери избрани како народни претставници треба да се првиот пример за граѓаните и да ги почитуваат законите, наместо да злоупотребуваат пратенички имунитет и да се повикуваат на привилегијата според функцијата, одговараат од МВР за „Фокус“.

Оттаму објаснуваат дека вчера униформиран полициски службеник при редовно вршење на своите работни задачи, побарал да изврши контрола при управување на патничко возило, во случајот со употреба на дрегер.

-Како и секој граѓанин, и пратеникот, доколку смета дека полицискиот службеник ги пречекорил овластувањата, може да пријави во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, кој потоа презема мерки и активности за утврдување на евентуална одговорност на полицискиот службеник, велат од МВР.

Катерина Смилева Божиновска

 

Поврзани новости