Кој е Љубомир Јовески: Тивок и смирен, но знае да избувне кога тоа од него го бара професијата

by fokus 14:01
14:01

Шеесет и тригодишниот Љубомир Јовески, кандидат за нов републички јавен обвинител, е непознат за пошироката јавност, но е познат и почитуван од неговите колеги. Во моментот го довршува својот двегодишен мандат во Советот на јавните обвинители, а претходно бил еден од десетината заменици на Зврлевски. Денеска пратениците расправаа за неговиот избор, а гласањето е закажано за 22 декември.

Неговите поранешни и сегашни соработници го опишуваат како голем професионалец, кој веќе четврта деценија работи во правосудството. Велат дека е тивок и смирен, но знаел и да избувне, кога тоа од него го бара професијата.

- Advertisements -

Од она што успеавме да го дознаеме за него е дека е роден во Прилеп, во 1954 година. Неговото прво вработување, било во 1979 година, како приправник во Секретаријатот за правосудството на Социјалистичка Република Македонија. Во тој период работел на молби за условен отпуст поднесени од осуденици. Работните задачи ги извршувал во Управната зграда на затворот „Идризово“. Потоа станува советник инспектор за извршување санкции.

По неколку години е избран за судија во Општинскиот суд, од 1995 до 1996 година е заменик на претседателот на судот, а набргу станува и вршител на должноста претседател на судот.

Во 1996 година, пак, бил избран за судија на Основниот суд Скопје 2. За неговиот избор рака кренале 72 пратеници, а никој не бил против или воздржан. По седум години судиска кариера, станува обвинител, односно во Собранието е избран за заменик на јавниот обвинител. Овојпат за неговиот избор гласале 75 пратеници, против немало, а еден бил воздржан. Оттогаш, веќе 14 години ја извршува обвинителската функција.

На крајот на 2015 година, пак, е избран за член на Советот на јавните обвинители и тоа од страна на своите колеги од целата држава, кои го бираат членот од своите редови.

Тој во еден период бил и претседател на Управниот одбор на Академијата за обука на судии и обвинители.

Неделникот „Фокус“ неодамна пишуваше дека Јовески е фаворит меѓу пријавените кандидати за наследник на Зврлевски, па затоа го прашавме и дали е спремен да седне на обвинителката фотелја и што е она со што треба најпрвин да се зафати новиот државен обвинител.

– Обвинителството е во многу тешка ситуација, па најпрвин треба да се врати угледот. Најважно од сѐ е дека треба да се работи согласно законските прописи и никако поинаку, изјави Јовески за „Фокус“.

Го прашавме и што мисли за препораката Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да се припои кон Републичкото јавно обвинителство.

– Оваа идеја не ми е туѓа, но сметам дека сѐ уште е рано да се коментира на оваа тема. За да се реализира, потребно е да се направат законски измени, што и не е толку едноставно. Сепак, можам да кажам дека идејата е прифатлива, вели Јовески.

Досега се сменија 16 републички јавни обвинители.

Перо Коробар, Кирил Миљовски, Никола Вражалски, Лазар Мојсов, Димо Кантарџиски, Јован Дуковски, Панта Илиев, Боро Догаџински, Јордан Јордановски, Марко Бундалевски, Јован Трпеновски, Стеван Павлески, Ставре Џиков, Александар Прчески, Љупчо Шврговски и Марко Зврлевски се имињата на досегашните македонски јавни обвинители од 1945 година до денес, според податоците што ги објавува Јавното обвинителство на Република Македонија.

Валентина Вурмо

Поврзани новости