Кој е ЈЈ, кој на Австрија и ја донесе евровизиската победа: Ја засакал музиката на семејните караоке забави!

by Fokus

Синоќа во Базел се одржа финалето на 69-то издание на Евровизија, а победата ја однесе 23-годишниот ЈЈ од Австрија со песната ,,Wasted love”. Младото момче со австриско-филипински корени котирше на високото второ место на обложувалниците изминатиот период, и неговата победа не беше изненадување за љубителите на настанот.

Вистинското име на ЈЈ е Johannes Pietsch, а неговата песна е интересен спој на поп и опера. Роден во Австрија, уште од детството започнал да се интересира за музиката. Одреден период од животот со семејството живеел и во Дубаи, а по враќањето во Австрија, кога имал 15 години, веќе сериозно се посветил на пеењето.

Има учества во повеќе европски талент шоу натпревари, и по завршување на школувањето се запишал на Виенската државна опера, како и во приватно училиште за музика и уметност во Виена.

Редовно настапува на сцената на Виенската државна опера, и не крие дека Кончита Вурст, која победи на Евровизија 2014, му била инспирација и мајка во уметнички смисол.

Исто така, според тамошните медиуми, ја засакал музиката за време на семејните караоке забави, а потоа неговиот татко го запознал и со операта.

Во финалето на Евровизија 2025 настапија 26 земји. Македонија по третпат не учествуваше на настанот поради финансиски проблеми на јавниот сервис МРТ. Нема официјална информација дали земјата евентуално планира да учествува на Евровизија 2026, која ќе се одржи во земјата победничка, односно во Австрија.

Вики КЛИНЧАРОВА

Поврзани новости