Кој е Игор Пачемски: Наместо квантен хемичар, стана најпознат дизајнер на долна облека од Македонија!

by fokus

Несудениот квантен хемичар, и моментално еден од најпознатите дизјанери на долна облека од земјава, чии модели се носат на три континенти, Игор Пачемски, ја претстави својата нова колекција „Алиса во Еко Земјата на чудата“. Истата ќе биде презентирана во Париз на Exposed саемот на Riviera.

И покрај тоа што Пачемски е најзначајниот и најквалитетниот македонски дизајнер на долна облека во светски рамки во овој момент, со дваесет годишно искуство во глобалната индустрија на моден дизајн, неговото име сепак не е доволно препознаено во локални рамки бидејќи својата кариера ја започнува и развива надвор од Македонија.

Тој е основач на брендот „Yes Master Lingerie“, роден во земјава, но со долгогодишно седиште во Лондон и дестинации како Њујорк и Софија.
Иако првично сакал да биде научник и истражувач, оформувајќи го своето образование во Англија студирајќи квантна хемија, љубовта кон дизајнирањето на долна облека ја открил во периодот додека работел во „Coco de Mer“.

Својата наклонетост кон модата и желбата да егзистира од неа ја реализирал со основањето на брендот „Yes Master Lingerie“ во 2005 година.
Првата колекција си го наоѓа патот до „Henry Bendel“ во Њујорк. Во годините кои следат продажните места се шират на три континенти.

Од неговиот тим информираат дека новата колекција ја нема на домашниот пазар во моментов, но плановите се во најскоро време и македонската жена да може да ужива во овие посебни парчиња креирани за софистицирани индивидуи со доволно интелект да го разберат суптилниот хумор на овој дизајнерски потпис.

-„Noblesse Oblige“ e специјализиран бренд за долна облека оформен од дизајнерот на култната лондонска луксузна марка ,,Yes Master“ Игор Пачемски кој се стекна со застапништво во Велика Британија од агенциите на Philippa Bradleyи BBY од Токио.

Најновата , тукушто лансирана 15-та по ред колекција од овој бренд за сезоната пролет/лето 2022 е насловена како ,,Алиса во Еко Земјата на Чудата“ и како исклучителен престиж во овој сегмент на модниот пазар ќе биде презентирана во Париз на Exposed саемот на Riviera како еден од 40-те селектирани брендови кои за прв пат во историјата ќе бидат преместени од саемот за долна облека во саемот за мода – појаснуваат од дизајнерскиот тим на Пачемски, а за едиторијалот изготвен за колекцијата велат дека ја пренесува познатата приказна со нагласок на одржливоста.

-Колекцијата ја достигнува новата мантра на брендот: наследство, органско, одржливо, рециклирано, преку користење на Tana Lawn принтови од култниот Liberty на кои има калеидоскопски пеперутки, Боуви-ескни небесни paisley од 70-тите и розите на шаховска позадина карактеристични за брендот, искомбинирани со органски тантели во комплементарни бои и рециклирана спортска облека.

Останувајќи верен на позитивниот став кон телото и филозофија на вклучување и прифаќање во корените, колекцијата е навистина специјален подарок за секоја жена и нуди врвен, исклучителени оргинален дизајн по кој Пачемски е препознатлив на интернационалната модна сцена-изјавија од тимот на дизајнерот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости