Кои се трите услови на средношколците за компромисно решение?

by Fokus

Сојузот на средношколците ја прифати опцијата да полагаат два екстерни и два интерни испити од државната матура, односно третиот екстерен испит да биде интерен, но за решението да биде целосно прифатено постави три услови. Бара да се формира работна група во која покрај нивни претставници, ќе има од Државниот испитен центар, наставници во средното образование и со неа да претседава претставник од Кабинетот на премиерот.

Работната група треба да одлучува за скратените наставни програми кои ќе се однесуваат на екстерните испити (мајчин јазик, странски јазик, математика) и за тоа кои содржини нема да бидат вклучени во испитите. Таа треба да ја заврши својата работа во средината на март, а директорот на ДИЦ ќе треба да ги спроведе нејзините препораки. Со ова ќе биде задоволено нивното барање за скратени наставни програми.

Вториот услов на Средношколскиот сојуз е наставниците да ги споделат со матурантите испитните материјали за интерните испити, а образовните власти да се осигураат дека наставниците ќе ги споделат испитните материјали за интерните испити со своите ученици најмалку три недели пред денот на испитот.

-Испитните материјали се однесуваат на форматот на испитот, конкретни содржини покриени од истиот, како и банки на прашања за испитот. Овој чекор ќе им овозможи на матурантите соодветно да се подготват за нивните испити, наведува Сојузот.

Третото барање е промена на коефициентот за добивање на поените за несоодветен екстерен испит. Сегашниот модел подразбира дека доколку екстерен испит е несоодветен за уписот на факултет, тој испит може да носи најмногу пет поени. Менувањето на коефициентите кај интерните испити, како што посочи Сојузот, значи дека несоодветен интерен испит би носел повеќе од несоодветен екстерен испит (шест поени во споредба со пет).

Поврзани новости