Кои се општините чие ѓубре ќе се гори во Неготино?

by Fokus

Најавената инвестиција во Неготино, изградба на гасна централа во која ќе се согорува отпад од 48 општини, односно ќе се гори ѓубрето собрано од дури 74 проценти од територијата на Македонија, ја бранува јавноста во Неготино.

Околу тоа кои се општините, чиј отпад е предвидено да се носи и гори во Неготино, објавено е во видео клип на официјалната страница на ,,Зока енерџи солушн”, компанија за која завчера Владата донесе одлука за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект.

-Нашата компанија изготви детални анализи за секоја општина посебно, вмрежувајќи пет од осумте региони – Југозападен, Пелагониски, Вардарски, Југоисточен и Источен регион – наведено е во видеото, и прикажани се општините кои треба да бидат опфатени.

Станува збор за Велес, Градско, Демир Капија, Лозово, Неготино, Кавадарци, Росоман, Свети Николе, Чашка, Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Штип, Вевчани, Дебар, Дебрца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа, Богданци, Босилово, Валандово, Василево, Гевгелија, Дојран, Конче, Ново Село, Радовиш, Струмица, Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени,

Не е опфатен отпадот од Скопје, Кратово, Куманово, Крива Паланка, Липково, Ранковце, Старо Нагоричане, Боговиње, Брвеница, Врапчиште, Гостивар, Желино, Јегуновце, Маврово и Ростуше, Теарце и Тетово, односно од Скопски, Полошки и Североисточен регион.

Граѓаните се против изградбата на гасната централа среде лозарски крај, стравувајќи за здравјето и животната средина, а од Здружение на граѓани Ековита тврдат дека станува збор за загадувачка индустрија и тоа ќе го докажат со факти.

Гасната централа, но и фирмата ,,Зока енерџи солушн” која стои зад проектот се главна тема во градот, кој и лани гласно кажа НЕ за проектот депонија за индустриски отпад, и беа собрани над 3.000 потписи со цел да се распише Референдум, со кој засекогаш ќе се забрани влезот на загадувачи во општината.
Референдумот не се одржа, а ставот на општината беше дека нема да има депонија, па затоа и не распишуваат Референдум.

Вики Клинчарова

Поврзани новости