Кои фирми направиле најголеми профити?

Компанија без ниеден вработен ланската година ја завршила со добивка од над 100 милиони денари, што претставува раст за повеќе од 5.000 проценти.

by fokus

Крупни домашни и странски компании со стотици вработени од разни сектори – производство и трговија со автомобилска галантерија, игри на среќа, енергетика, рударство, телекомуникации, текстил, градежништво, медицина, остварија најголеми добивки во ланската 2020 година, која се карактеризираше со економска криза предизвикана од пандемијата.

Покрај нив, како што објави порталот Пари, во оваа листа на најуспешни компании се сретнуваат фирми поврзани со поранешни и сегашни политичари и функционери, како и помалку познати фирми со мал број на вработени, па дури и без вработени, при што некои оствариле огромни стапки на раст.

Инаку, на врвот на оваа топ-100 листа традиционално се наоѓаат добро познатите Џонсон Мети, ЕВН, Телеком, Усје, Саса, Алкалоид, ИГМ, Бучим, Касинос Аустрија, Жан Митрев, Макпетрол, Нептун, Адора, Тутунски комбинат, Реплек, Скопска Пивара, Ван Хоол, Еуроникел Индустри…

ПРИХОДИ ОД ТЕНДЕРИ

Исто така, на оваа листа влегува и нафтената компанија на семејството на пратеникот на ДУИ и поранешен градоначалник на Пласница Исмаил Јахоски – Пуцко Петрол, која остварила профит од скоро 177 милиони денари, или речиси исто како и претходната година.

Патем речено, голем дел од приходите на оваа компанија доаѓаат од државни институции и јавни органи, имајќи во предвид дека, според податоците од Бирото за јавни набавки, друштвото лани добило скоро 300 тендери за снабдување со екстра-лесно гориво, чија вкупна вредност изнесува 1.847 милиони денари.

Потоа, на оваа листа се сретнува и една градежна компанија во сопственост на поранешниот републички пратеник од редовите на ДПА и некогашен кандидат на НД за градоначалник на Чаир Фатмир Етеми. Станува збор за ЗСФ-КОМ, која остварила добивка од над 231 милиони денари или за 46 отсто повеќе од лани.

Инаку, оваа компанија е еден од најголемите акционери на Скопски Пазар со сопственост од, според Централниот депозитар на хартии од вредност, 37 отсто од акциите. И Скопски Пазар се наоѓа во друштвото на најпрофитални компании со добивка од 107 милиони денари, што е раст за дури 336 отсто во споредба со претходната година.

ФИРМА БЕЗ ВРАБОТЕНИ

Во однос на растот на добивката, се издвојува и друштвото Ако Градба со седиште во Гостивар, кое лани остварило добивка од над 173 милиони денари или за дури 3.600 отсто повеќе отколку во 2019 година. Според Централниот регистар, оваа компанија е формирана во 2004 година, а нејзин единствен сопственик и управител е Абдул Бајрактари.

Притоа, фирмата ланската година ја завршила со приходи од 183 милиони денари, што е за скоро 30 милиони денари помалку од 2019 година. Меѓутоа, лани драстично паднале расходите на друштвото на само 10 милиони денари (во 2019 изнесувале 205 милиони денари), поради што се забележува голм раст на добивката.

Ако оваа компанија за трговија на големо има петнаесетина вработени, една друга фирма без ниту еден вработен остварила уште поголем раст на приходите. Се работи за странската фирма за специјализирани градежни работи Аим Проперту, која лани имала приходи од над 150 милиони денари и добивка од над 100 милиони денари, или за над 5 илјади проценти повеќе од 2019 година.

Како што неодамна пишуваше Фокус, меѓу фирмите без вработени што оствариле најголеми приходи се нафтената компанија Тритерол Петрол на Љупчо Пецов, како и ИТ друштвото Крејон Македонија, која го доби тендерот за софтверски лиценци за државната администрација тежок милијарда денари. Сепак, тие не избија на врвот според остварената добивка на крајот на годината.

ДОЛГ КОН УЈП

Инаку, на оваа листа има и неколку струмички компании, меѓу кои и транспортната компанија Јавор Транс на Горан Крстев и Симеон Крстев, која лани забележала раст и на приходите и на добивката. Имено, компанијата лани остварила приходи од 424 милиони денари (раст за 50 отсто) и добивка од 233 милиони денари (раст за 140 отсто.

Сепак, од струмичките фирми најголема добивка остварила Крмзов МР во висина од скоро 271 милиони денари, што е зголемување за 20 проценти во однос на 2019 година. Оваа компанија за трговија со текстил на големо е во сопственост на Ристо Крмзов, кој ја поседува и компанијата Агро-Крмз.

Што се однесува до Агро Крмз, нејзините приходи лани пораснале за дури 66 илјади проценти, односно од 3,9 милиони денари во 2019 на 2.603 милиони денари во 2020 година. Но, ова друштво работело без добивка, а истовремено има долг кон Управата за јавни приходи од 34 милиони денари.

Во изјава за Фокус, Крмзов неодамна изјави дека големиот раст на неговите Крмзов-МР и Агро Крмз се должи на зголемена продажба на станови, на трговијата на големо со текстил, како и на зголемено производство на лешник. Во однос на долговите по основ на ДДВ, рече: „Обврски по основ на ДДВ се остварени по основ на разлика во цена и голем промет. Долгот се намалува секој месец и за него се плака камата…“.

Влатко Стојановски

Поврзани новости