Кои фирми и портали се дел од истрагата за предизборно рекламирање?

by fokus

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција утрово спроведе акција и отвори предистрага за три фирми сопственици на новоформирани портали на кои се рекламирале политички партии за предвремените избори кои се одржаа во јули. Обвинителката Вилма Русковска не соопштува информации со образложение дека се работи за предистрага и дека допрва ќе се докажува дали навистина добиле пари и дали ја извршиле услугата. Сепак според неофицијални и непотврдени информации, истрагата е насочена кон активности од страна на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, за ненаменско трошење на финансиските средства од Буџетот.

Според првичните непотврдено сознанија се работи за злоупотреба на средствата од буџетот за финансирање на изборната кампања за рекламирање на политичките партии на интернет портали за време на изборната кампања за предвремените парламентарни избори 2020 година, предвидени согласно член 76-д од Изборниот Законик. Иако, Согласно член 76-д став 5 од Изборниот Законик, сумата која може да се исплати на еден електронски медиум (интернет портал) и печатени медиуми од еден учесник во изборниот процес, не може да биде поголема од 15.000 евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ,  ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија, според сомненијата и фактура потрошила 20.000,00 евра, а сумата ја распределила на седум анонимни портали.

Во акцијата биле одземени документи од Државната изборна комисија, односно сите фактури со прилозите кон нив доставени од ВМРО – ДПМНЕ кои ги добиле од правните субјекти за рекламирање на интернет портали, меѓу кои и фактурата од фирмата „Глобал Нет“ ДООЕЛ од Скопје за исплата на порталите lady.mk, srekja.mk, gradina.mk, indigo.mk, visitskopje.mk, ekran.mk, и biznisvesti.mk, фактурата издадена од фирмата „Некст Левел Солушнс“ ДООЕЛ Скопје кон ВМРО-ДПМНЕ и фактурата од правниот субјект „Медиа Ком“ ДООЕЛ Скопје за интернет сајтот times.com.mk.

Освен од ДИК, одземена била документација и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно податоци дали деветте интернет портали: lady.mk, srekja.mk, gradina.mk, indigo.mk, visitskopje.mk, ekran.mk, biznisvesti.mk, makpress.mk и times.com.mk, биле прописно регистрирани и дали биле должни да објават ценовник за рекламен простор за рекламирање на политичките партии.

Одземена била документација и од трите фирми  на кои им се префрлени парични средства од Буџетот по овој основ, односно, покрај фактурите и сета пропратна документација (извештаи за рекламирање и плаќањата), како и документација за регистрирање на порталите, импресум, ценовници и други податоци кои ќе бидат потребни при проверките.

Сепак целата документација ќе ја анализира Обвинителството кое треба да ги докаже овие сомнежи. Надлежен обвинител издаде наредба за проверка на фирми што во предизборниот период наменски отвориле портали без импресум, адреса на седиште и без објавување на ценовник за рекламирање. Имено, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави Известување според кое постои сомневање дека политичките партии за време на предизборниот период платиле политичко рекламирање на интернет портали што биле непосредно отворени и со мала посетеност, соопштија од Обвинителството.

ВМРО-ДПМНЕ пак тврди дека нивното рекалмирање било чисто и транспарентно и ја повикаа Русковска да го испита рекламирањето на СДСМ,

Поврзани новости