Кога умните ќе стивнат, будалите царуваат

by Fokus

Будалите се опасни затоа што се ирационални, а рационалните луѓе не можат да ја разберат логиката на неразумното однесување. Интелигентна личност е во состојба да ја разбере логиката на еден криминалец што сака да оствари корист од недело, а не е доволно паметен сам чесно да заработи

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

  Уште многу одамна, Булат Окуџава напишал песна за будалите, во која генијално ја опишал тогашната состојба во општеството и сеприсутноста на будалите, која не е ништо поразлична и денес. Отсекогаш будали имало многу, ги има многу и најверојатно и ќе ги има, затоа што конкуренцијата е огромна и дури една будала да се измори и замолчи на нејзино место доаѓа веднаш нова. За болните постојат болници, за лудаците лудници, за криминалците затвори, но за будалите нема ништо, затоа ги има секаде.

Глупоста, а со тоа и будалите завладеале на овие простори и како да се натпреваруваат кој е поголема будала, конкуренцијата е огромна во сите области на човековото живеење. Луѓето наседнуваат и ги „голтаат“ медиумските, политичките и маркетиншките манипулации и тука нема помош, може да им се сервира што било, а тие тоа го консумираат без прашање и размислување, „стрвно“ како гладна рипка.

ГЛУПОСТА Е НАЈНЕОБИЧНА БОЛЕСТ

Најчесто луѓето и не се замараат дали е нешто точно или не, дали е воопшто можно и изводливо, туку имаат некоја своја вистина, која е многу далеку од реалноста, но таа своја „вистина“ ја задржуваат за себе и не им пречат на другите. Но, најмногубројни се будалите што мислат дека го имаат сето знаење на светот, дека се итри и превеани, дека се најпаметни и со своите будалштини и глупости го малтретираат сиот свет околу себе. Тие и таквите будали ја докажуваат мислата на францускиот поет Жак Превер, кој рекол дека глупоста е најнеобична болест на светот, од неа не страда болниот, туку сите околу него.

Будалите лесно можеш да ги препознаеш по знаците што ги оддаваат и издаваат. Нашиот народ рекол дека будала во зима носи шешир, а во лето шубара, но тоа не е единственото нешто по што можете да препознаете една будала.

Будалите, пред сè, секогаш се  задоволни со себе, и покрај тоа што немаат многу во главата, мислат дека имаат многу повеќе од сите. Таа своја празнотија за која Србите имаат многу добар израз „шупљоглавост“ ја покриваат со простотилак, уличен жаргон, простачка ноншалантност, самоизмислен авторитет, подлост, кукавичлакот и многу често криење зад свои истомисленици, кои сè уште поголеми будали, зад лажни фејсбук-профили, од кои си ставаат лајкови или ги напаѓаат своите неистомисленици.

СЕКАДЕ ИМА НАЈРАЗЛИЧНИ БУДАЛИ

И додека го пишувам ова, на памет ми паѓаат десетина такви будали, кои нема да ги именувам, сами ќе се препознаат, и кои поради нивната бројност и сеприсутност мошне високо котираа на времето додека како и секоја будала самите не се средија и „закопаа“, па сега плачат и кукаат како е некој друг виновен за тоа што им се случува. Такви будали имаше во судството, на јавни функции, во политиката и сè уште ги има и, како тргнало, ќе ги има уште долго време.

Недостигот од домашно воспитување и култура секогаш оди под рака со недостиг од знаење или квази знаење, кое, таквите будали, го прикриваат со флоскули, кои најчесто завршуваат со „ајде бегај“, „ма немој“, „ма што ми кажа“, или со навреда.

Самобендисаноста со потенцирање на својот самоизмислен авторитет во областа за која немаат никакви или многу малку познавања, таквите будали ги прави смешни  во обидот да наметнат став, кој нема никаква врска со реалната ситуација или законските одредби. Таквите будали мислат дека седењето во претседателско столче на судот, катедра на факултет или функционерска фотелја и повторување едни и исти фрази ги прави експерти во тие области, и покрај тоа што никогаш не напишале пресуда, не влегле во судница никогаш, или не повеќе од неколкупати , а единствениот вистински успех им е што се збогатиле со искористување на својата функција на криминален начин.

Уште со тоа се гордеат и јавно го истакнуваат, сметајќи дека некој им завидува на тоа и дека тоа е причина што ги губат или изгубиле своите позиции. Не, причината е што се будали, кои повеќе не им требале на другите будали, си ја завршиле својата измеќарска работа.

ИЗМИСЛУВААТ НЕПРИЈАТЕЛИ И НАПАДИ

Теоретизирањето без ден пракса, или со многу мала пракса, измислувањето непријатели и напади на нешто што не е нападнато ги прави таквите „експерти“ уште посмешни, особено ако се има предвид нивниот личен, семеен и криминален бизнис-интерес.

Незнаењето, правната неписменост, умоболната расипаност и шупливоста, искомбинирана со некултура, невоспитаност и подлост, ваквите будали ги тера да ја маргинализираат или екстрахираат реалноста и да се фокусираат на навреди, малтретирања, пишувања пораки или коментари од лажни профили, имиња, броеви, терајќи некоја своја агенда или теорија што и самите не ја разбираат.

Италијанскиот историчар и економиста Karlo Cipola многу темелно пристапил на истражување на феноменот на глупоста и будалите и формулирал пет универзални закони кои функционираат во секое општество и време.

Човекот секогаш го потценува бројот на будалите, кои го опкружуваат, е првиот закон. Вториот закон е дека веројатноста дека е некој будала, не зависи од неговите други квалитети. Експериментите што ги спроведувал со години потврдиле дека не се сите луѓе еднакви во своите квалитети и образованието нема никаква врска со бројот на будалите во општеството.

Тој експериментите ги спровел на пет групи, и тоа студенти, канцелариски службеници, персонал за одржување, администрација и професори. Во сите пет категории бројот на будалите бил поголем од очекуваното (првиот закон), но заклучокот што се наметнувал е дека сегрегацијата, образованието, сиромаштијата, социјалните услови не се нужен услов за бројот на будалите во општеството.

Заклучоците на вториот закон биле застрашувачки – без оглед дали ќе се најдете во британското високо општество, во некое племе во Амазонија, дали ќе се затворите во манастир или ќе отидете во коцкарница или ресторан, ќе се соочите со ист број будали, кој ќе ги надмине вашите очекувања.

БУДАЛИТЕ ПРЕДИЗВИКУВААТ ШТЕТА

Третиот закон гласи – будала е личност чии постапки доведуваат до губиток или штета што ја трпи друг човек или група луѓе, но истовремено не носи корист на будалата. Не е тешко да се замисли колкава штета можат да нанесат будалите кога ќе упаднат во административните органи и поседуваат општествена или политичка моќ.

Будалите се опасни затоа што се ирационални, а рационалните луѓе не можат да ја разберат логиката на неразумно однесување. Интелигентна личност е во состојба да ја разбере логиката на еден криминалец што сака да оствари корист од недело, а не е доволно паметен сам чесно да заработи, па како е предвидлив, против него можете и да изградите одбрана. Но, еден интелигентен човек не може да ги разбере постапките на една будала што нанесува штета без цел, план, корист, личност, која е без правила, суштество без логика и памет.

Четвртиот закон е никогаш не го потценувај деструктивниот потенцијал на будалата. Будалите секогаш забораваат дека сегашните грешки ќе ги чинат многу во иднината и не избираат начин и средства да го остварат она што го замислиле. Петтиот закон е дека будалата е најопасниот вид на личност.

На крај најдобро е да постапите онака како тоа го правел покојниот Балашевиќ – Ме советувале да се пазам од пијани будали. Се пазев од трезни будали, за секој случај!

Поврзани новости