Кога судбината ќе вмеша прсти: Во пристаништето на розите Љупчо Николовски го започна новото животно поглавје!

by fokus

Генералниот секретар на СДСМ, а до неодамна и министер за земјоделство, водостопанство и шумарство, Љупчо Николовски, пред десеттина дена го започна новото поглавје во животот. Во словенечкото гратче Порторож покрај брегот на Јадранско Море тој ја запроси својата девојка Андријана Јакимовска.

Инаку, Порторож е познато туристичко место, чие име во превод значи пристаниште на розите. Веста за романтичното запросување и фотографии од свршеничкиот прстен на социјалните мрежи најпрвин сподели Јакимовска. Под колажот од заеднички фотографии Андријана порача дека не треба да се бара љубовта, бидејќи таа на крајот сепак ќе не пронајде, дури и тоа на биде на најнеочекуван начин.

За големата љубов помеѓу Николовски (35), кој по потекло е од Крива Паланка, и неговата сограѓанка Андријана знаеле нивните блиски, но и целиот град, бидејќи тие двајцата долги години биле заедно. Но, по некое време ја прекинале врската, по што Андријана заминала во Словенија.

Таа работи во меѓународната компанија Интеренерго, со седиште во Љубљана. Компанијата се занимава со трговија со електрична енергија, изградба и управување со енергетски објекти со употреба на обновливи извори и подобрување на енергетските перформанси на зградите и индустриските капацитети.

По неколку години разделеност, тие случајно се сретнале на први јануари годинава и сфатиле дека љубовта е посилна од се. Продолжиле таму каде што застанале, позрели и поискусни. Заеднички пријатели на парот велат дека судбината ги вмешала прстите, и како отсекогаш знаеле дека двајцата млади се едноставно создадени за да бидат заедно.

Николовски за „Фокус” ја потврди убавата вест. Сепак, скромен по природа, тој вели дека не сака да го експонира приватниот живот пред јавноста и со Андријана се труделе да си ја зачуваат интимата.

Генералниот секретар се најде во центарот на вниманието неодамна, кога беше објавена веста дека сите средства на име дневници и патни трошоци за службени патувања ги донирал за децата без родители. И лани неговото име беше актуелно во јавност, кога родител на девојче од Крива Паланка јавно му се заблагодари за помошта за лекување на неговото дете, која Николовски иако лично не го познавал, несебично му ја понудил.

-Има многу такви, хумани приказни за Љупчо – ни открија негови блиски пријатели – но тој едноставно не е тип на човек кој сака да си прави промоција од тоа. Каде што можеш, помогни и молчи си, тоа е неговото мото, велат кривопаланчани за него.

Вики Клинчарова

Поврзани новости