Кога Северна Кореја им честита на македонските политичари

by Фокус

Деновиве актуелни се препукувањата на линија опозиција – власт за тоа дека никој од меѓународната заедница не им честитал на ВМРО-ДПМНЕ и на Ѓорге Иванов за изборните победи.

Не знаеме колку една Северна Кореја е дел од таа замислена меѓународна заедница, ама секогаш е забавно да се погледнат политичките честитки кои годиниве наназад редовно доаѓале од најзатворената земја во светот.

Ако ја прегледате скромната архива на Севернокорејската новинска агенција можете да најдете дека челниците на оваа диктаторска земја не пропуштале по секои избори да им честитаат на македонските премиери и претседатели. Впрочем, како што налага дипломатскиот бон тон.

Така во 1998 година честитка добил Љубчо Георгиевски, година дена подоцна и Борис Трајковски, додека без срдечни поздрави не останале ниту Бранко Црвенковски кога станал премиер во 2004, ниту пак Никола Груевски кога е реизбран во 2011.

А што се однесува за честитките кон Ѓорге Иванов може да се најдат само телеграмите упатени за националниот празник 2 Август.

Поврзани новости