Кога ќе падне последниот бастион на претходната власт: ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ сака да ја направи МРТ зависна, а не тие да ја задржат контролата

by fokus

И по речиси една година власт на СДСМ, никако да се реформира МРТ. Програмскиот совет и директорот на јавниот сервис се уште се кадрите поставени од претходната власт, а Законот за аудио и аудио-визуелни услуги никако да стигне на гласање во Собранието. Владејачката СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ со долгите дискусии за амандманите го кочи носењето на Законот.

Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за „Фокус“ велат дека не е точно дека тие го кочат носењето на Законот со цел да ја задржат контролата врз МРТ бидејќи неговото носење ќе овозможи смена на Програмскиот совет и на директорот Марјан Цветковски.

-Мораме да потенцираме дека ВМРО-ДПМНЕ воопшто не го кочи носењето на законот, напротив, ние го поддржуваме носењето на законот, меѓутоа мора да се земат во предвид принципиелните и конструктивните забелешки кои се потенцирани преку поднесени амандмани од страна на нашите пратеници. Веднаш би сакал да негирам дека би сакале да задржиме контрола врз било кое независно тело бидејќи ја немаме, напротив, со нашите забелешки во врска со изборот на советите и директорите на телата и на МРТ, сакаме да спречиме воспоставување на контрола од страна на Владата на СДСМ врз истите, бидејќи СДСМ се тие кои брзаат да сменат легално избрани членови на независни тела, при што би имало можност да стане пракса за во иднина, секоја нова Влада со закон да си ги менува членовите на независните тела и МРТ, во обид да ги стави под контрола. Таков пример е случајот со законот за енергетика и регулаторната комисија, што според нас е лоша пракса за во иднина, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

За да се донесе Законот за медиуми поребно е двотретинско мнозинство, што значи дека и ВМРО-ДПМНЕ треба да гласа за овој Закон. Во моментов тој се наоѓа во собраниската комисија каде треба да се поминат 60тина амандмани поднесени од опозициската партија.

К.С.

Поврзани новости