Кога е во прашање Груевски, ВМРО-ДПМНЕ нема намера да учи од примерот на Богоевски

by fokus

Отако пратеникот Павле Богоевски поднесе оставка поради скандалот кој одекна во јавноста со телефонскиот разговор, пратениците следниве денови ќе преминат на расправата за мандатот на осудениот екс премиер, Никола Груевски, кој веќе шест месеци е во бегство во Унгарија.

Во својот говор пред пратениците Богоевски им порача на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека со својата оставка дава пример и им порача да гласаат со цел да му биде одземен мандатот на екс премиерот.

-Сега е прашање дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе покажат барем трошка од етиката и моралот со кои така дрско се расфрлаа овие две недели и дали ќе го заштитат криминалецот во бегство Никола Груевски, или ќе му го одземат мандатот – порача Богоевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ не кажуваат дали ќе го променат ставот по овој гест на Богоевски. Изминативе денови пратениците од оваа партија даваа изјава во одбрана на Груевски, а Емил Димитриев вчера изјави дека не може да одземе нешто што не дал.

Од ВМРО-ДПМНЕ за „Фокус“ велат дека јавноста на пленарната седница, која треба да се одржи следната недела, ќе види како ќе гласаат пратениците за мандатот на Груевски.

-Апсолутно нема никаква корелација помеѓу Богоевски и Груевски. Нема никаква допирана точка, особено од аспект на почитување на етички норми. Според нас Груевски има политички азил заради политички прогон, додека Богоевски сторил кривично дело за што треба да одговара. Нека се состане седницата, па ќе видите – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Маја Васева

Поврзани новости