Кога човек на 83 години ќе ти напише траорна љубовна песна, не можеш да речеш не, вели Ѓоко Ѓорчев кој освои Гран при на ,,Еврофест”

by fokus

За време на викендот во Дом на АРМ во Скопје се одржа 24-то издание на Интернационалниот фестивал на забавни мелодии ,,Еврофест”.

Во минатото на фестот гостуваа победници од повеќе музички фестивали од десетици европски земји, додека годинава поради актуелната пандемија, настапија само наши музичари.
Ѓоко Ѓорчев, Катерина Танева, Блага Петреска, Мери Младеновска, Јулија, Благица Павловска, групата Интервали, Серафина Фантаузо и многу други беа дел од учесниците на настанот.

Гран при наградата заврши во рацете на Ѓоко Ѓорчев, а снимка од фестивалот ќе се емитува на ТВ Сонце, на седми ноември, со почеток од 18.30 часот.
Околу тоа како изгледа да се настапува на фестивал во ек на пандемија, кога се актуелни голем број на мерки за заштита од вирусот и мора да се следат препораки на здравствените власти, наградениот Ѓорчев вели дека целиот настан поминал во најдобар ред.

Се почитувале мерките, публиката го следела фестивалот со заштитни маски и седела на растојание, а околу фотографиите кои се објавија на социјалните мрежи, на кои музичарите позади сцената позираат без маски, вели дека тоа било само за сликање.

-Ни требаше еден ваков настан, во ова лошо време, да не расположи. Со помош на музиката и на дружбата барем за кратко заборавивме на сите немили случувања кои ни ги донесе вирусот.
Маските ги симнавме само на кратко, додека позиравме, инаку во тек на целиот настан се придржувавме до мерките за заштита. Публиката исто така максимално се придржуваше до препораките, беа преземени сите потребни мерки од страна на организаторот – вели Ѓорчев.

Појаснува дека ова е негова трета Гран при награда на овој фестивал. Првата ја добил во 2000 година, потоа наредната во 2018 година, а за последната, која доста го изненадила, открива дека првично не ни планирал да учествува на фестивалот.

-Зад себе имам низа на награди од разни фестивали, имам децениска кариера. Кога пред две години добив награда на реномираниот фестивал ,,Охридски трубадури”, реков, доста е. Им ги оставам фестивалите на помладите колеги, тие нека се борат, нека се истакнат и нека одат напред.
Но, ми се јави организаторот на фестивалот, Костадин Костадиновски, кого доста го почитувам како човек и голем музиколог. Тој ме замоли да настапам со негова песна, со зборовите дека има веќе 83 години, и желба му било и јас да отпеам негова песна додека е жив.
Не можев да го одбијам. Така се случи песната ,,Нека е љубовта вечна” која ми ја донесе Гран при наградата. Во неа вложив многу емоции, бидејќи и Костадин при пишувањето го сторил истото, тоа е една ретко емотивна љубовна нумера во која и при изведбата, гласот несвесно ти преминува во плач. До толку траорни емоции во неа се вткаени, таква љубовна тага, што при првото слушање, знаев дека ова е автобиографско дело на Костадин – вели Ѓорчев.

Додава дека дружбата со колегите му недостасувала, но како сите биле свесни за опасноста од вирусот и биле доста внимателни.

-Јас сум човек кој има 63 години, нормално е многу повеќе да се пазам од корона вирусот, но истото го забележав и кај моите колеги. Пандемијата на некој начин ни го обележа изданието на фестивалот, колку и да не сакаш, едноставно постојано се мисли и се зборува за неа.
Лично јас, од самиот почеток, не сум влегол во ресторан, на затворено. Со сопругата, која е здравствен работник, секој викенд одиме во природа, шетаме и ги откриваме убавините на нашата земја, на село, на планина… Мора сите да бидеме трпеливи и со нашето свесно однесување да им помогнеме на медицинарите во оваа битка. А кога сето ова ќе биде зад нас, ќе има моменти и за песни и за настапи – ни раскажа музичарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости