Кобни избори во Индонезија: Над 300 луѓе починаа од премор од рачно броење гласачки ливчиња

by Fokus 10:33
10:33

Единаесет денови откако во Индонезија се одржаа најголемите еднодневни избори во светот, над 300 луѓе од изборната администрација починаа повеќето од болести причинети од премор по долги часови рачно пребројување изборни ливчиња. Тоа го соопшти денеска претставник на властите.

На 17 април во таа држава со 260-милионско население, за првпат се одржаа во ист ден претседателски избори, избори за националниот дводомен парламент и за регионални законодавни органи.

- Advertisements -

– До овој момент, 287 членови на избирачки комисии и 18 полицајци одговорни за редот за време на изборите починаа, повеќето поради премор, додека 2.096 луѓе се болни, изјави Ариеф Пријо Сусанто, портпарол на изборната комисија.

Министерството за здравство испратило на 23 април писмо во кое бара од болниците да обезбедат најдобра медицинска помош за болните службеници, а Министерството за финансии ќе компензира семејства на починатите.

Изборната комисија беше остро критикувана поради големиот број смртни случаи поради премор. Пребројувањето на гласовите завршува на 22 мај кога ќе бидат објавени конечните резултати.

Поврзани новости