Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ не платила данок за последните парламентарни избори

by fokus

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ од претходните парламентарни избори и останала должна на државата 6.049 евра за неплатен данок на добивка. Партијата се најде на новата листа на должници на Управата за јавни приходи за трошоците за репрезентации што ги направила во претходната изборна кампања, а во износ од 60.494 евра.

Партиските коалиции отвораат посебни сметки за време на изборите, кои потоа ги затвораат откако сите долгови ќе бидат подмирени. Но коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ не ги подмирила сите обврски.

Според даночните експерти данокот на добивка не се плаќа само на остварена добивка, туку и за даночно непризнаени трошоци. Долгот на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е по основ на репрезентации. Тоа значи дека од сметката на коалицијата се јадело и пиело по ресторани, се точело бензин и се користеле приватни возило за службени цели над дозволен износ, без да се плати данок за тоа.

-Станува збор за трошоци кои не се функционални, кои не се важни за да се завршат активностите и кои се надвор од изборната кампањa, но кои треба да се платат – вели даночниот експерт, Павле Гацов.

Законот предвидува овие трошоци да се оданочат со 10 отсто, што значи дека по основ на репрезентации од сметката на коалицијата за претходните избори биле потрошени 3.720.430 денари, или 60.494 евра.

Ова е единствената партија која се најде на листата на срамот на УЈП.

На новата листа на должници се наоѓаат  4.360 приватни и правни лица. Меѓу нив се повторно телевизиите ТВ Нова на Сеад Кочан, со долг по основ на ДДВ и данок на добивка во износ од 6.445 евра и телевизија Алфа која освен овие даноци не платила и персоналок данок на доход, во вкупен износ од 40.414 евра.

Македонската радио телевизија и понатаму е високо на листата поради неплатен данок на добивка и данок на додадена вредност во износ од 1.719.461 евра. Од медиумите долг има и Медија принт Македонија во износ од 84.743 евра.

Повторно на листата се најде и фирмата „Тотал маркетинг“ на новинарот Драган Павловиќ Латас, која должи 23.090 евра. Ова фирма е под истрага на Специјалното јавно обвинителство за даночно затајување, а за Латас беше поднесено и обвинение.

Меѓу должниците се бројни јавни претпријатија, државни установи и општини.

М.В.

Поврзани новости