Десетици “бомби“ од прислушуваните разговори одекнаа на денешното рочиште за случајот „Траекторија“, односно за изградбата на автопатите Кичево -Охрид и Миладиновци -Штип со кинески кредити, во кој обвинети се екс премиерот Никола Груевски, поранешниот вице премиер Владимир Пешевски, екс министерот Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП за држави патишта Љупчо Георгиевски.
Досега, на изминатите рочишта, беа слушнати 234 бомби, а денеска се слушаат останатите седумдесетина, од кои една од клучните за СЈО, со која ја докажуваат тезата дека за изградбата на автопатот Кичево-Охрид била избрана поскапа понуда. Според проценката на јавното претпријатие за државни патишта тој автопат треба да чини околу 267 милиони евра. Но, наместо оваа сума, подоцна е склучен договор вреден речиси 374 милиони евра, и тоа со компанијата Синохидро Корпорејшн Лимитед, иако имало и компанија која дала пониска понуда, но била игнорирана од тогашните македонски власти. Ова се открива и во еден од разговорите на Јанакиески со соговорничка.
-ЦВЕ, со ист процент, дале малку пониска понуда. Ама педерски, таман кога завршивме сега нова понуда даваат. Му ја пуштив на Владо, не знам што да правиме, и вели Јанакиески на соговорничката.
Потоа во разговор со друг соговорник Јанакиески се распрашува кога стигнала понудата, по што добива одговор дека претставник од компанијата утрото ја доставил во затворено плик и побарале да му се предаде на министерот, а исто писмо доставиле и до Владимир Пешевски. Соговорникот го потсетува Јанакиески дека од оваа компанија барале состанок а новата понуда им била доставена, бидејќи на еден од состаноците им било речено да размислат и пак да се јават.
Според обвинителството, министрите се нашле во небрано бидејќи тие веќе договориле со друга компанија за изградба на автопатот, и тоа за повисока цена од речиси 5 милиони евра.
Според обвинението но и она што обвинителката Лиле Стефанова го кажа во воведниот збор Груевски го искористил своето реално влијание и службената положба како премиер и побарал од обвинетиот Пешевски, како вицепремиер, и Јанакиески, како министер за транспорт и врски, да извршат избор на компанија за изградба на автопатите без да спроведат постапка за јавни набавки.
Таа детално опиша како бил заобиколен законот за јавни набавки и само со директен договор со кинеската компанија „Синохидро“, склучен во октомври 2013 година започнала градбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.
Стефанова рече и дека покрај понудата на „Синохидро“, владата на тогашниот премиер Груевски добила преку Пешевски и Јанакиески понуда и од компанијата „ЦВЕ“. Дополнително, „ЦВЕ“ самоиницијативно ѝ дала понуда на владата за изградба на автопатите со пониска сума од 4.800.000 евра.
По доставените две понуди, Пешевски и Јанакиески првин ги повикале двете компании, а потоа ја прекинале комуникацијата со „ЦВЕ“.
„Ќе докажеме дека на 22.2.2013 година Пешевски и Јанакиески во нетранспарентна и неконкурентна постапка и за двете автопатски делници ја избрале понудата на „Синохидро“. Ќе докажеме дека обвинетите биле свесни дека немале законска основа да почнат преговори и покрај тоа што владите на Македонија и Кина потпишале и договор. За да се потпише таков меѓувладин договор, нужно било првин да биде донесен посебен закон. Сè дотогаш важи законот за јавни набавки, рече Стефанова.