Клуч на врата и глоба од 6.000 евра за кафе-барот „Интермецо“

by fokus

По пријави од граѓани дека во локалот се пушта гласна музика и дека има голема бучава, општина Центар го затвори познатото скопско кафуле „Интермецо“. Освен клуч на врата,во следните 30 дена, изречена е и глоба од 6.000 евра.

„По пријава и континуирани поплаки од страна на жителите на општина Центар, констатирано е дека локалот и правниот субјект ‘Интермецо’ ги надминал пропишаните гранични вредности на имисионото право на бучава“, соопштија од општина Центар.

Оттаму велат дека на ова правно лиц веќе му е изречена глоба во износ од 6 000 евра. Но, поради повторно непочитување на законските одредби, на кафе-барот „Интермецо“ му се изрекува забрана за вршење дејност.

„Апелираме до сите угостителски објекти да го почитуваат Законот за заштита од бучава во животната средина и да се придржуваат до пропишаните правила и прописи за дозволеното ниво на децибелажа. Во интерес на граѓаните и подобрување на начинот на живот на центарци, Општината продолжува со редовни и засилени контроли и, согласно со своите надлежности, ќе преземе поригорозни мерки за санкционирање на сите правни лица – угостителски објекти кои нема да ги почитуваат законските прописи“, се наведува во соопштението од Центар.

Поврзани новости