Клубот на менаџери-претприемачи при Стопанската комора на Македонија

by Фокус

Покрај сите предизвици со кои се соочуваат во нашата држава, сепак има голем број компании раководени од успешни менаџери, кои ја имаат дефинирано целта и преземаат потребни чекори за нејзина реализација, тие се дел од бизнис-семејството на Стопанската комора на Македонија и од следниот број на „Фокус“ ќе претставуваме по една успешна бизнис-приказна за најдобрите претприемачи и компании, во рубриката ЗА КЛУБОТ НА МЕНАЏЕРИ – ПРЕТПРИЕМАЧИ.

Пишува Бранко АЗЕСКИ

Утрото, 15 декември 1989 година, „Вол Стрит“ бр. 11 („Wall Street‟ 11), осамна со еден чуден подарок. Голема бронзена фигура на бик што се подготвува за напад беше незабележливо поставена пред седиштето на Берзата. Скулптурата тешка 3.200 килограми го симболизираше агресивниот финансиски оптимизам и просперитет без кој нема напредок.

Значи, бикот е одличен симбол за бизнисот во кој ако сакаш да успееш, треба да ги имаш неговите карактеристики. Да бидеш силен, да бидеш упорен и да прифатиш ризик (да имаш мадиња, што би рекле ние).

Октомври. Ова е еден од особено опасните месеци за шпекулирање со акциите. Другите се јули, јануари, септември, април, ноември, мај, март, јуни, декември, август и февруари.

-Марк Твен, новела: Pudd’ nhead Wilson

Има многу дефиниции за бизнисот. Уште толку книги, научни трудови, рецензии, докторати и што ли уште не. Народски кажано, бизнисот во суштина се состои во тоа дали прифаќаш ризик или не. Клучна разлика помеѓу тој што успева во бизнисот и тој што не успева е ризикот. Колку поголем ризик, толку поголем профит. Просто како грав. Сè друго е изговор за неуспешноста. А изговори има, колку што сакате.

Има ли Македонија луѓе со претприемачки дух, кои се подготвени на големи предизвици, но и големи ризици заради реализација на големи потфати и иновативни бизнис-идеи? Има, но многу малку, за разлика од другите нации и држави каде што бизнисот е начин на живот. Што е тоа што ние имаме во бизнисот? Ние имаме поединечни успешни примери кои се исклучок од просечноста. Е токму тие успешни примери по правила кај нас се „сомнителни ликови‟ за јавноста и потенцијални противници на секоја политичка номенклатура. Наместо да станат пример за секој млад човек, тие личности се изложени на јавната сцена како објекти што треба да се правдаат зошто се успешни. Звучи неверојатно, но вистинито. Значи, нас ни е потребна потполно нова концепција за сфаќањето на бизнисот. Стратегија што ќе создаде нова реалност, во која централно место ќе заземе бизнисот, кој е алфа и омега на нашиот опстанок како мала и неразвиена земја.

Постојните стратегии се исцрпени. Механизмот почнува да врти во место. Кои се клучните причини за тоа?

Прво, глобалните причини. Во моментов во светот се одвива процес на сериозно преструктуирање на моќта и силата на одредени држави и нации. Таа се остварува во услови на светски економски кризи и силно изразен процес на глобализација. Бидејќи е јасно дека политиката има огромно влијание на бизнисот, очигледно е дека новите политички прегрупирања оставаат сериозни траги во бизнисот. Ние сме мала земја и не баш најдобро се снаоѓаме во овие глобални игри, што се одразува и на нашиот бизнис-капацитет.

Второ, регионалните причини. Речиси со сигурност можеме да констатираме по 25 години дека нашиот регион не ги искористи можностите за забрзан економски раст. Причини има многу, но јасно е дека целиот регион „плива‟ во долгови, има ниско конкурентни стоки и услуги, не успеа да изгради заеднички пазар, заеднички производ или услуга и не успеа да најде нови пазари за своите производи. Во такви услови, нашиот бизнис не може да очекува сериозен позитивен импакт од околните пазари.

Трето, внатрешните причини. Не успеавме да изградиме функционална држава во интерес на бизнисот, приватниот сектор не успеа да се наметне како доминантен во државата и не успеавме да се приближиме на стандардите на ЕУ. Оној субјект кој добро ќе ги проанализира сите овие околности и соодветно на тоа ќе се приспособи, ќе успее да опстане. Ние како бизнис-асоцијација опстојуваме поради интересот на компаниите. И државите опстојуваат поради интересите на бизнисот, граѓанството и институциите. Значи, ние не можеме да бидеме на различни колосеци со државата. Но, и државата треба да повлече некои потези. Кои се тие?

Прво, договор меѓу јавниот и приватниот сектор. Со ваков договор прецизно ќе се дефинира каде престанува мешањето на државата во приватниот сектор, кои се обврските на приватниот сектор кон државата и како ќе се спроведуваат тие за да бидат ставени во функција на економскиот развој? Поради тоа што немаме регулирани односи меѓу јавниот и приватниот сектор, имаме сериозни последици на економскиот развој на земјата.

И второ, долгорочна стратегија за економски развој, како модел за економски развој, што може да обезбеди остварување на клучната цел – постигнување стапка на економски раст меѓу пет и седум отсто во наредните десет години. Секако, претпоставка за ова е политичка стабилност и натамошно придвижување на демократските процеси. Во нејзината подготовка потребно е да се вклучат сите засегнати страни, а не само Владата и приватниот сектор, бидејќи економијата има одраз врз целокупниот развој на земјата. Тука, пред сè, се мисли на МАНУ, синдикатите, универзитетите, кои досега воопшто или нецелосно учествуваа во тој процес.

П.С. За таа цел, неопходно е да се направи анализа што ќе покаже и докаже кое е вистинското место на приватниот сектор во македонското општество, со кои ресурси располага, колкаво е неговото учество во домашниот бруто производ, колкаво е неговото учество во сите економски компоненти, какви се неговите потенцијали за развој и каква е неговата улога во вработувањето и во обавувањето на процесот на миграција – прашања за кои Комората ќе побара да се изготви научно-истражувачка студија. Анализата ќе придонесе да се создаде јасна слика за приватниот сектор со помош на вообичаените показатели (на пример, показателите што ги следи ОЕЦД), детално да се разгледа секторот на разменливи добра и да се проучат неговите компаративни предности и конкурентност; да се анализира интеракцијата меѓу производите од една страна и пазарот на трудот од друга (вклучително и влијанието на иселувањето на населението); да се анализира финансиската состојба на приватниот сектор и неговата врска со финансиските пазари и пазарите на капитал и, на крај, но не помалку значајно, да се добие претстава за индустриските политики што се спроведуваат, експлицитно или имплицитно (преку фискалниот систем и регулаторната рамка). Врз основа на наодите и препораките ќе се создаде и темелен преглед на податоци и методологија за тоа како да се следат понатамошните случувања на овие полиња.

Поврзани новости