Кировски: Бараме чаре за секој човек, но некој мора да си оди

by fokus

Директорот и главен и одговорен уредник на „Телма”, Атанас Кировски се огласи со реакција на својот „Фејсбук” за новата систематизација во телевизијата.

„Точно е дека се врши систематизација и дека се укинати 12 позиции, но тоа не значи дека се поделени 12 откази на луѓе! Тоа се тенденциозни и злонамерни шпекулации и невистини. Иако немаме законска обврска да разговараме со независниот синдикат околу ситематизацијата и рационализацијата, го правиме и тоа, и бараме чаре за секој човек! Но, некои луѓе и навистина ќе мора да си заминат. Сакам да се знае дека нема таков на кој не му се дадени повеќе од две шанси, и молењето некои луѓе да си ја заработуваат платата трае 20 месеци. За тоа се свесни и луѓето од синдикатот кои ми дадоа целосно за право. Инаку, апсурдот е во тоа што повеќето портали кои прават линч врз „Телма“, ни оддалеку не ги имаат регулирано односите со вработените како во „Телма“, а нивните плати или хонорари (во „Телма“ инаку нема новинари хонорарци, сите се вработени!) се барем 3 пати пониски отколку на новинарите во „Телма“. Врв на лицемерието!“, напиша Кировски.

Инаку, на попладневната стредба, раководството на „Телма“ и синдикатот на телевизијата се договориле да се разгледаат сите можности со кои не би имало потреба од отпуштање на вработени.

Претставничката на синдикатот на вработените во Телма, Виолета Зајкова, изјави дека побарале прераспределба на други позиции за новинарите кои се најдоа на листата за прекин на работниот однос.

Меѓу 12-те новинари од Телма кои беа прогласени за технолошки вишок, седум се со долгогодишен стаж во телевизијата од информативната,и пет од културната и забавната редакција.

Поврзани новости