Текстот е објавен на 12 август 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1088
Претседателот на економскиот совет на СДСМ, Кире Наумов, во интервју за „Фокус“ најавува целосна промена во економската политика, доколку СДСМ дојде на власт.
„Вртењето нов лист значи стимулирање на извозот, инвестициите, вработувањето, а со тоа и на штедењето. Ние во период од четири години мораме драстично да го смениме односот на овие компоненти во БДП, и тоа во корист на извозот и инвестициите за сметка на потрошувачката, па и на увозот. За ова е потребна храбра и некалкулантска политичка волја, која постои во СДСМ“, вели Наумов.
Разговараше
Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ
ФОКУС: Според резултатот од битката на СДСМ против издавањето еврообврзница, во вредност прво најавена на 650 милиони евра и реализирана на 450 милиони, се чини дека опозицијата ја изгуби битката. Парите од еврообврзницата легнаа на трезорската сметка, а прашање е дали кривичните пријави што партијата ги поднесе нема да ја спречат власта да тргне во поход во предизборна корупција, бидејќи се задолжи за повеќе пари од иницијалниот план за финансирање на дефицитот со странски кредити. Дали СДСМ има план Б?
НАУМОВ: Последниот случај со издавањето на незаконската еврообврзница од 450 милиони евра е врв на неодговорно управување со јавните финансии. Како прво, сумата е огромна, непотребна во овој момент, го продолжува неодржливото темпо на зголемување на јавниот долг, а покрај тоа, со носењето на самата одлука за издавање на еврообврзницата се прекршија неколку закони. Токму затоа и како партија поднесовме кривични пријави. Од наша страна, зборувам не само како дел од СДСМ, туку генерално како опозиција, како дел од граѓанскиот протест кој овие месеци јасно кажа дека е време да престане налудничавото задолжување, ќе беше неодговорно да останевме неми и да не реагиравме на сите можни начини да се сопре незаконското самоволие на оваа влада, која директно нѐ внесува во должничко ропство.
ФОКУС: Лошо е што парите од досегашното задолжување не се користеа за капитални проекти…
НАУМОВ: За над три милијарди евра го зголемија јавниот долг во изминатиот период и сега е на историски износ од пет милијарди евра, или над 50 отсто од БДП. Овие средства не се искористени за капитални проекти. За проектите што дури сега им текна да ги почнат – патиштата, се користат заеми од странски банки, дел европски, но во најголем дел кинески. Тоа се дополнителни средства што ќе треба да се враќаат, но барем со нив се почна изградба на патна инфраструктура.
ФОКУС: Стравувате ли како ќе се трошат парите?
НАУМОВ: Апсолутно постои загриженост. Токму затоа и во техничката влада на претставниците на СДСМ, особено во Министерството за финансии, една од примарните задачи ќе им биде токму надзор на предизборните трошења. Исто така, министерот за финансии не смее да заборави дека на 31 декември мора да зачува најмалку 10 милијарди и 245 милиони денари, односно 167 милиони евра на депозитната сметка, согласно усвоениот ребаланс. По следните избори, ова лудило за трошења за чоколади ќе биде минато, а сите што на кој било начин незаконски постапувале, ќе сносат законска одговорност.
ФОКУС: Зошто вашето фамозно писмо со кое ги предупредивте инвеститорите за контроверзиите околу легалноста на процесот на издавање на еврообврзницата, сепак, на крајот не „пресече“ во ваша корист, туку му поверуваа на Груевски дека парите ќе им бидат уредно вратени со камата?
НАУМОВ: Знаете како, наше беше на регуларен начин да ги известиме и агентите ангажирани од владата за издавање на еврообврзницата и потенцијалните кредитори за незаконитостите при постапката за издавање. На крајот на денот, ризикот е нивни. Инаку, не ме изненадува одлуката на кредиторите, особено по телефонскиот состанок еден ден пред издавањето на обврзницата, на кој од страна на владата присуствуваа вицепремиерот Пешевски, гувернерот Богов, министерот за финансии, Миноски, и заменик-министерката за правда, Бришкоска.Таа комуникација е снимена со знаење на сите учесници. Ако се сеќавате, на денот кога се одложи издавањето на аукцијата, агенцијата Ројтерс го објави соопштението на нашето Министерство за финансии, во кое меѓу другото се тврдеше дека постапката за издавање е усогласена и со Министерството за правда. Самото присуство на заменик-министерот за правда на тој состанок било доволна потврда за кредиторите дека тоа е вистина.
ФОКУС: Зар не е тоа доволен аргумент?
НАУМОВ: Нашиот аргумент ќе биде изјавата на министерот за правда дека тој не ѝ дал на Бришкоска никакво овластување за овој чин. Од таа причина, веднаш поднесовме кривична пријава, покрај за Миноски, токму и за Бришкоска. Од сите актери, во јавноста состанокот го потврди гувернерот Богов. А тоа што зачудува понатаму е што барал тој на состанокот, кога самиот претходно изјави дека НБРМ нема ингеренции во постапката. Дополнително, Богов присуствувал на состанок на кој заменичката во Министерството за правда, според изјавата на министерот за правда немала овластување да го претставува Министерството, а на состанокот била претставена токму како претставник на институцијата. Но, очигледно тоа за нашиот гувернер не било причина да не присуствува на таков состанок. Но, и тоа не изненадува ако имаме предвид што сѐ слушнавме во претходниот период по медиумите.
Од друга страна, на меѓународните финансиски пазари се наоѓале кредитори и за држави полоши во многу параметри од нашата. Односно, знаете како велат, за очајни зајмувачи секогаш се наоѓаат средства од очајни кредитори. Разликата е само во каматата.
БОГОВ СЕ ОДНЕСУВА ВО СТИЛОТ „НБРМ – ТОА СУМ ЈАС“
ФОКУС: Како гледате на улогата на гувернерот Богов во овие последни неколку години на драматичен раст на задолжувањето?
НАУМОВ: Што се однесува до гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, како прво, би сакал да го отфрлам начинот со кој во изминатиот период се обиде да го спушти нивото на дебата за суштинските економски прашања. Според мене, тоа не е начин на кој се комуницира со луѓе што имаат поинакво мислење од вашето за економската состојба во Македонија. Тоа што посебно пречи е обидот секоја критика насочена кон Богов, да се претстави како атак кон Народна банка како институција. Критиките кон работата на гувернерот, не се и не смее да се сметаат како критики кон институцијата што во моментот ја претставува. Тоа на моменти прозвучува како да вели „НБРМ, тоа сум јас“. Поради тоа и предложив јавно да разговараме за проблемите со кои на економски план се соочува Македонија и начините за нивно надминување. Зашто, знаете како, лесно е да кажете дека од 2012 година укажувате дека е потребна фискална консолидација за да не нѐ снајде сценариото на некоја соседна држава, а во меѓувреме активно да учествувате во издавањето на три еврообврзници со кои сте ги задолжиле граѓаните за една милијарда и 220 милиони евра, и тоа без камата.
ФОКУС: Освен во странство, државата во голема мера се задолжува и на домашниот пазар, со краткорочни заеми, но и 2, 5, 10 и 15-годишни обврзници. Дали концентрацијата на доспеани побарувања за неколку години може да ја стави земјата под некаков ризик од несолвентност?
НАУМОВ: По основ на домашно задолжување, долгот изнесува една милијарда и 300 милиони евра. Од нив, на краткорочни записи заклучно со јуни 2016 година, отпаѓаат 617 милиони евра, а на долгорочни обврзници 683 милиони евра. Ова задолжување не може да се гледа изолирано, односно без надворешното. Ние во периодот 2020-2023 година, по основ на еврообврзници, заедно со камата, треба да вратиме една милијарда и 500 милиони евра. Кога на тоа ќе се додаде домашното задолжување, тогаш веќе зборуваме за суми кои секако ќе претставуваат сериозен товар за македонската економија. Затоа, од голема важност е што побргу да се отпочне со фискална консолидација и дефицитот на буџетот да се симне на ниво, кое нема дополнително да го зголемува јавниот долг.
ФОКУС: Колку тогаш од сегашните 450 милиони кои легнаа на владината сметка се неопходни за буџетот, како што велите, да не крахира, а колку остануваат за изборна корупција и дали таа може да се спречи?
НАУМОВ: До крајот на годината, речиси 200 милиони евра се потребни за враќање на доспеаните долгови. Јасно е дека оваа влада не е во можност поинаку да ги враќа доспеаните долгови, освен повторно да се задолжува. Од друга страна, за време на издавањето на еврообврзницата, откако предочивме дека со предлог ребалансот не планираат да пренесат средства за 2017 година, под притисок дополнително предложија уште една измена и на депозитната сметка се обврзаа дека на 31 декември 2016 година ќе зачуваат најмалку 167 милиони евра. Уште од сега јасно му порачавме на министерот за финансии дека доколку нема 167 милиони евра на депозитната сметка на 31 декември, тој повторно ќе го прекрши законот за извршување на буџетот. Се разбира, сумата од 83 милиони евра што останува од еврообврзницата не е за потценување и дел од неа секако дека може да се обидат да ја искористат во предизборниот период. Да не заборавиме дека сакаа да нѐ задолжат со 650 милиони евра, без обврска да пренесат средства во 2017 година. Ние ќе направиме сѐ што е во наша можност, во наредниот период да ги спречиме сите обиди на евентуални незаконски постапки на министрите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Но, исто така, повторно останува актуелно и задолжувањето на домашниот пазар. Управниот суд на РМ сѐ уште нема донесено одлука по тужбата поднесена од моја страна во врска со сите аукции на државни хартии од вредност одржани од почетокот на годината.
ФУНКЦИОНЕРИТЕ НЕМА ДА СЕ ЖРТВУВААТ ЗА КРИМИНАЛЦИ
ФОКУС: Мислите ли дека вашите закани со кривични пријави може нешто да сменат?
НАУМОВ: Во јавноста е познато дека се отворени неколку истражни постапки против лица што се дел од најблиското опкружување на Груевски. Пред само една година, незамисливо беше дека тие луѓе ќе ги гледаме како седат по судски ходници. Но, далеку од тоа дека сметаме дека тоа е доволна опомена за сите фунционери на кое било ниво од ВМРО-ДПМНЕ. По изборите, амнестирани за криминал ќе нема. Секој што е на позиција да биде извршител на какво било кривично дело во овој период би требало добро да размисли. Притисокот што сега го имаат од Никола Груевски за остварување на неговите желби е минорен во однос на казната, која, доколку потклекнат, би ја добиле по изборите. Груевски е подготвен на сѐ, поради тоа што се обидува да се спаси себеси. Но, потпис тој веќе нема. Затоа сите што се под притисок да потпишуваат треба добро да размислат дали се подготвени да се жртвуваат себеси и своите семејства, за слободата на Груевски.
ФОКУС: Македонија веќе четири години нема Стратегија за управување со јавниот долг, Фискалната стратегија не е конзистентен документ, туку од година во година си ги побива претходно зацртаните заложби, ММФ практично ја испразни канцеларијата во Скопје. Се чини дека без никакви узди, власта неконтролирано зајми пари за политичко преживување со несогледливи последици по економијата, ако се знае дека времето кога е изготвена последната Стратегија за јавен долг (2010 г.), владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги задолжи граѓаните за близу 3 милијарди евра, од кои малку завршија во развојни проекти. Имате ли јасен концепт за излез од оваа политика на „живот на кредит“, која е неодржлива?
НАУМОВ: Да. Имаме јасен и сериозен концепт и економска програма како во Македонија значително да го подобриме квалитетот на живеење. Да создадеме амбиент во кој ниеден вработен според своите примања нема да биде под границата на сиромаштијата.
Видете, ни најмалку не сакам ова да прозвучи демагошки или дека само користам веќе слушнати фрази и флоскули. Македонија е држава во која, во моментов не живеат ни два милиони граѓани. Односно, според бројот на жители може да се споредиме со некој голем кварт во некои од најголемите градови во светот. Ние сме континентална земја, увозно зависна, со неколку апсолутно неискористени потенцијали за развој. Она што е најзначајно за економски развој е, пред сѐ, постоењето на политичка волја кај носечките луѓе во владата дека ќе работат одговорно и чесно.
МОРА ДА СЕ СВРТИ НОВ ЛИСТ
ФОКУС: Како ќе се види разликата?
НАУМОВ: Тоа ќе им биде јасно на граѓаните со првиот буџет што новата влада самостојно ќе го предложи. Од распределбата на средствата во буџетот секој ќе може да оцени дали е свртен нов лист или сѐ било демагогија. Јас сум убеден дека постои искрена политичка волја за вртење нов лист и нов почеток за македонската економија. Морам да нагласам дека концептот на стимулирање на потрошувачката за раст на БДП, како крајно популистичка, а не стратешка одлука на оваа власт, е целосно девастиран. Впрочем, тоа нѐ доведе во оваа фаза на криза на јавниот долг. Тој концепт е неодржлив, испорача ползечки стапки на раст и нѐ внесе во долгорочен проблем. Во иднина може да се размислува единствено на стимулирање на потрошувачката само кај најсиромашните слоеви на населението, и тоа екстремно контролирано. Вртењето нов лист значи стимулирање на извозот, инвестициите, вработувањето, а со тоа и на штедењето. Ние во период од 4 години мораме драстично да го смениме односот на овие компоненти во БДП и тоа во корист на извозот и инвестициите за сметка на потрошувачката, па и на увозот. За ова е потребна храбра и некалкулантска политичка волја, која постои во СДСМ. Со чесна и посветена работа, ова се реално достижни цели.
По 25 години независност, период испреплетен со многу турбуленции, со многу меѓусебни антагонизми, граѓаните заслужуваат Македонија да заплови во помирни и стабилни води.
ФОКУС: Дали е можно да се излезе од кредитна зависност, во мера како сегашната, без да страда економскиот раст и развојот на земјата?
НАУМОВ: Може. Разговаравме и претходно. Ние мораме да го сопреме темпото на ова задолжување за да не дојдеме до работ на финансискиот колапс. Блиску сме, но сѐ уште не сме ја поминале границата од која нема враќање. Во Македонија има неколку речиси неискористени потенцијали за развој. Тука мислам на земјоделието, на енергетските потенцијали и секако на создавањето амбиент, во кој домашните компании и инвеститори ќе се чувствуваат сигурни и ќе инвестираат во развој на своите бизниси и идеи. Сакам да кажам дека намалувањето на јавниот долг не го гледам само низ призмата на штедење. Потребна е финансиска консолидација – да, но многу повеќе ќе се насочиме кон реален и забрзан раст на македонската економија. Со повисоки стапки на раст на БДП и негово зголемување, автоматски ќе дојде и до намалување на јавниот долг, пресметан како процент од БДП.
ФОКУС: Дали СДСМ сака да расчисти со популистички водената фискална политика и да воведе таква, која на долг рок ќе носи развој? Тоа, пак, подразбира дека многу „целни“ групи граѓани кои се корумпираат од буџетот ќе ги загубат привилегиите, а тоа не се малку луѓе и тоа може да значи губење политички поени. Подготвен ли е СДСМ на таква „жртва“ за подобра иднина на долг рок?
НАУМОВ: Не само СДСМ, кој било на тоа место едноставно нема друга опција. Вие – да, можеби можете уште година-две да продолжите со популизам, но потоа доаѓаат за враќање огромните сметки што Груевски и новите соработници ги оставија зад себе. Така што, мислам дека ова прашање е депласирано. Ако кој било по смената на власта продолжи со популистички мерки, тогаш тој ќе го плати цехот и на Груевски. Сиот револт тогаш ќе биде истурен врз него.
СДСМ и во минатото покажал дека популизмот не му е јака страна. Да бидам искрен, дури и многу позитивни мерки и резултати не сме успеале да ги прикажеме на соодветен начин во јавноста. За некои дури и немало ни обид. Не велам дека немало грешки. Дека не можело и поинаку. Можело. Грешки имало. Имало и злоупотреби. Но, никогаш ниту еден од највисоките функционери во СДСМ немал резервен пасош и не се однесувал со парите од граѓаните како да му се фамилијарно наследство.
СДСМ, заедно со целиот опозициски фронт, во најширока смисла на зборот, денес е подготвен да ја врати Македонија на единствениот исправен пат. Македонија да стане составен дел од западните демократски текови.
СДСМ СЕ ЗАДОЛЖУВАШЕ ЗА ДА ЗАШТЕДИ ПАРИ
ФОКУС: Првата еврообврзница од осамостојувањето ја издаде СДСМ во 2005 година во вредност од 150 милиони евра. Не ја потроши за финансирање на буџетскиот дефицит, туку отплати стари долгови кон Лондонскиот клуб на доверители, нешто што очигледно не „купува“ гласови бидејќи шест месеци подоцна ги загуби изборите. Дали од сегашна перспектива мислите дека таквото задолжување беше исправен потег?
НАУМОВ: Апсолутно не беше за финансирање на буџетскиот дефицит, затоа што во тие години дефицитот беше или минимален или, пак, сме ги завршувале годините со суфицит. Да ве потсетам дека во периодот 2002-2006, износот на јавниот долг беше намален, а просечната стапка на економски раст во тие четири години е 3,7 отсто. Во последните 10 години е 3 отсто. Дури, би истакнал дека во 2005 и во 2006 година, стапките на раст на БДП се 4,7 отсто и 5,1 отсто соодветно. И уште да потсетам дека тоа се години по конфликтот во 2001 година.
По тој турбулентен постконфликтен период, таа влада успеа да ја консолидира економијата на внатрешен план и да ги отвори вратите на меѓународните финансиски пазари. Ама тоа не го правеше со бркање на меѓународните финансиски институции, туку со меѓусебна соработка. Нормален след на настаните беше издавањето на првата еврообврзница кога имате зацртан пат кон евроатлантските структури. Во 2004 година, Македонија за првпат добива кредитен рејтинг од меѓународните кредитни агенции. Според Стандард и Пурс, во 2004 година кредитниот рејтинг на Македонија е ББ+, односно две нивоа повеќе од сега. Стандард и Пурс на двапати, за време на владата на ВМРО-ДПМНЕ го намали кредитниот рејтинг на државата.
По добивањето на кредитниот рејтинг, во декември 2005 се излезе на меѓународните финансиски пазари и се издаде првата еврообврзница од 150 милиони евра и единствена со рочност од 10 години. Со тие средства, точно, исплатен е предвремено долгот кон Лондонскиот клуб на доверители. Но, внимавајте, не само што е исплатен, туку согласно Годишниот извештај на Министерството за финансии за 2006 година, документ објавен во 2007 година и потпишан од тогашниот министер за финансии Трајко Славески, со ваквото предвремено отплаќање заштедата во буџетот за наредните 7 години била проценета на 123,23 милиони евра. Повторувам, износот на проценетата заштеда е правен во времето кога Никола Груевски е премиер.
Истиот месец кога е издадена првата еврообврзница, Македонија го добива и статусот на земја-кандидат за членство во ЕУ. Наредната 2006 година, на девизната депозитна сметка пред избори, таа влада остави над 200 милиони евра, без никој да го бара тоа од неа.
Е тоа е следот на настаните кога имате политичка волја и желба да ги движите работите во вистинскиот правец.