Кире ќе биде тренер/играч: Македонија под мое водство ќе игра брз ракомет

by fokus

Кирил Лазаров денеска и официјално беше промовиран за нов селектор на ракометната репрезентација. Тој доби договор на една година, додека ја добие мастер-коуч дипломата, а потоа истиот ќе биде продолжен на уште четири. На прес конференцијата Лазаров најави дека во наредната една година ќе продолжи да биде и активен играч.

-Со претседателот се договоривме дека јас би бил активен и како играч,  бидејќи нè чекаат големи битки на кои треба да одговориме квалитетно, направивме стратегија и заклучивме дека треба да го задржиме континуитетот на големите натпреварувања, значи учество на Европското првенство следната година, како и учество на Светското првенство, рече Кире.

Тој вели дека е среќен и задоволен од одлуката да биде селектор и дека без никакво размислување го прифатил овој голем предизвик.

-Под мое водство Македонија ќе игра брз и модерен ракомет. Но тоа не може да се промени преку ноќ. Во престојните квалификациски меча нема да промениме многу во однос на играта бидејќи немаме време за тоа, но верувајте дека од Европското првенство ќе гледате една Македонија која игра модерно. Што се однесува до играчкиот потенцијал, јас верувам во нашите ракометари, да не беше така немаше да се нафатам на оваа работа. Со претседателот Живко Мукаетов се договоривме во првата година да играм и јас на одредени натпревари на кои ќе биде потребно, да бидам како поддршка за младите играчи. Наскоро ќе објавам список од 35 ракометари и мојот стручен штаб. Ќе се обидеме да истестираме колку што е можно повеќе играчи, да видиме кој ќе може да го носи дресот на националниот тим, изјави Лазаров.

 

Поврзани новости