Кирацовски и се заблагодари на сопругата Гордана за поднесувањето на неправдите

by fokus

Пратеникот Александар Кирацовски, кој вчера беше сменет од позицијата генерален секретар на СДСМ, во отвореното писмо со кое се обрати до јавноста и му се заблагодари на премиерот Зоран Заев и на соработниците, исто така и се заблагодари и на својата сопруга Гордана, која останала со него и во најтешките моменти.

-И благодарам на сопругата и семејството за големата, огромна поддршка и поднесувањето на тешките, неправедни моменти кои доаѓаат од функцијата, која често пати знае да биде неблагодарна – напиша тој на социјалните профили.

Имено, во август минатата година тој се најде во центарот на вниманието на јавноста, откако во одредени медиуми се објави веста дека дека си ја вработил својата фризерка во МЕПСО за плата од 43.900 денари. Тогаш за ,,Фокус” Кирацовски изјави дека се работи за невистини, со цел да се наштети на неговиот углед, бидејќи девојката ниту некогаш го потстрижила, ниту пак тој имал врска со нејзиното вработување.

-Толку негативни коментари и завист! И вмешување на моето име во нешто кое што нема допирна точка со мене, не знам што друго да кажам освен да се насмеам на нечија креативност во измислување на приказни. И моите дома, сопругата и роднините на целата работа гледаат како на една невкусна шега, бидејќи сите знаат кој тоа мене ме потстрижува цели две децении. Девојката ја знам само од видување, и пак ќе кажам дека нема ниту трошка вистина во обвинувањата – во телефонски разговор за ,,Фокус” појасни лани битолчанецот.

И токму со приказната за фризерката започнаа и низата на други обвинувања за непотизам на сметка на сега веќе поранешниот генерален секретар на СДСМ. Денес, откако тој повеќе не е генерален секретар на партијата, ни изјави дека не вреди да се коментираат нештата поради кои на некој начин беше мета на обвинувања, но и поради кои неговото семејство се најде на удар.

-Тоа се работи кои не се вредни за коментирање. Сега е време кога се носат битни одлуки – кратко ни изјави пратеникот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости