Кирацовски и приреди романтично изненадување на сопругата: Душа калдрма за мојата Гордана!

by fokus

Во организација на Иноватива, Драган Спасов – Дац и Александар Митевски синоќа го одржаа својот прв заеднички концерт во Антички театар Охрид. Настанот, кој публиката го доживеа и го опиша како едно евергрин уживање, привлече голем број на јавни личности. Помеѓу нив беше и пратеникот Алекдандар Кирацовски со сопругата Гордана, кој деновиве фамилијарно одмора во Охрид.

За ,,Фокус” раскажува дека веднаш штом слушнал за концертот, без двоумење купил влезници, сакајќи да и приреди романтично изненадување на сопругата. И двајцата биле големи обожаватели на дуото, и вели дека Дац и Александар се надминале себе, приредувајќи незаборавна атмосфера, која никого не оставила рамнодушен.

-Со сопругата и децата веќе неколку дена сме на одмор во Охрид, а веста за најавениот концерт ми дојде како одлична можност за едно романтично изненадување. И не погрешив, целиот концерт помина во една неверојатна атмосфера, беше тоа вечер исполнета со емоции и песна. Со Гордана омилена песна од дуото ни е ,,Ми фалиш како жица на гитара”, а пак од постарите на Митевски тоа е ,,Душа калдрма”, таа ни е еден вид на химна на нашата љубов. Со нас беа и наши блиски пријатели, и иако со маски, според здравствените препораки, сите пеевме во еден глас со овие двајца уметници, кои умеат да допрат до сечија душа. Се редеа стари хитови од сите поранешни Ју републики, имаше и бугарски и турски песни. Освен по времето поминато на плажите во забава со децата, ова летување дефинитивно ќе го паметиме и по овој настан – вели Кирацовски.

Додава дека со сопругата Гордана, која моментално не работи и е посветена на семејството, а истовремено и подготвува магистратура по психологија, заедно се девет години.

-Гордана е мојата најголема поддршка во животот, грижлива мајка, прекрасна сопруга, љубител на добрата песна. Знам дека е многу посреќна поради изненадувањето со концертот, отколку да беше некаков друг подарок во прашање. Ова се настани кои ти остануваат во убаво сеќавање, кои долго се паметат и ти оставаат спомени што секогаш будат топлина. Им благодариме на Дац и на Александар за прекрасната вечер, среќни сме што на нашата сцена имаме вакви луѓе кои со музика допираат до сечие срце – ни изјави пратеникот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости