Кина: Вакцините против корона ќе бидат бесплатни, обичните луѓе нема да мора да потрошат ниту паричка

by Fokus

Вакцините против коронавирусот ќе бидат бесплатни во Кина, каде досега се дадени девет милиони дози, соопштија денеска здравствените власти во Пекинг.

-Обичните луѓе нема да мора да потрошат ниту паричка, рече официјалниот претставник на Националната здравствена комисија Ченг Жонгвеи на прес-конференција.

Соопштението ја разјасни збунетоста од прес-конференцијата пред девет дена, кога Ченг рече дека цената на вакцината ќе биде прифатлива, но заменик министерот Зенг Јиксин тогаш „притрча“ и рече дека вакцината ќе биде бесплатна.

Трошоците за вакцината ќе бидат покриени од Националниот фонд за здравствено осигурување и владини средства.

Околу 7,4 милиони луѓе се вакцинирани од почетокот на кампањата за вакцинација на 15 декември за вакцинирање на медицински работници, вработени во транспорт и припадници на други клучни групи пред Лунарната Нова година, голем празник кон средината на февруари.

Повеќе од 1,6 милиони вакцини се дадени во претходните месеци.

Заменик министерот Зенг рече дека е одредено конкретно време за пристигнување во Кина на стручниот тим на Светската здравствена организација (СЗО) за да се испита потеклото на вирусот и дека на тимот на СЗО ќе му се придружат кинески експерти во Вухан, градот каде што првите случаи на коронавирус беа забележани кон крајот на 2019 година.

Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејезус претходно оваа недела изрази разочарување кога кинеската страна не ги заврши потребните дозволи за посетата на експертите на организацијата.

Двајца членови на тимот кои веќе тргнале на пат морале да се вратат назад.

Тедрос вчера во Женева изјави дека очекува датумите за посетата на стручниот тим на СЗО да бидат одредени следната недела.

Поврзани новости