Кик боксерите Ѓорѓиев и Илиевски се покажаа во Мексико: Настапивме во нова дисциплина, се вративме со бронза и сребро!

by Fokus

Димитар Ѓорѓиев, светскиот шампион во кик бокс, се врати со бронзен медал од настапот на светското првенство во Мау Таи ( Тајландски кик бокс) кое што се одржа во Канкун, Мексико. Покрај Димитар, со сребрен медал од Мексико се врати и кик боксерот Бобан Илиевски. Тие, заедно со Хадис Рамадани беа нашите тројца претставници на првенството, како дел од Македонската кик бокс федерација.

Ѓорѓиев за ,,Фокус’’ раскажува дека Тајландскиот бокс бил нова дисциплина за нив, но сепак генерално биле задоволни од постигнатите резултати.

-Во иднина се надевам на постручни подготовки, бидејќи сега настапивме во нова дисциплина. Во Мау Таи се дозволени удари со лакт и колено, за разлика од кик боксот каде лактот е забранет, а колено има само во една од неколкуте дисциплини. Нашите колеги од другите земји не искритикуваа дека клинчот или блиската борба ни е слаба страна, но нормално дека тоа во иднина ќе го подобриме. Сакам повторно да настапам во Мау Таи, и веќе од утре започнувам со редовни тренизни и со кик бокс и со Тајландски кик бокс – вели неготинчанецот.

Тој додава дека конкуренцијата во Мексико била доста силна, бидејќи на светските првенства доаѓаат најдобрите претставници од секоја држава.

-Доста беше јака конкуренцијата, станува збор за државни прваци, значи најдобрите од секоја земја учесник на настанот. Да бидам искрен, овој медал ми значи многу, но не сум задоволен од мојот настап, се надевам дека на следниот турнир ќе се покажам во подобро светло – раскажа Ѓорѓиев.

Најдобриот македонски кик боксер досега и донесе голем број на награди, медали и титули на нашата земја. На кик боксот му е посветен со години наназад, иако во повеќе наврати раскажуваше како на почетокот се двоумел и не знаел за кој спорт да се одлучи.

Ѓорѓиевски, Илиевски и Рамадани во Мексико беа заедно со Дејан Митровски – Урко, кој е претседател на КБФМ, неговата сопруга Ирена во улога на технички секретар и генералниот секретар и тренер Драган Атанасовски.

Првенството се одржа од 10 –ти до 20 – ти мај. Нашите членови на КБФМ оствариле средби со претседателот на интернационалната Мау Таи федерација, Др. Сакчи Тапсуан како и со нејзиниот генерален секретар Стефан Фоџ за понатамошна идна соработка и формалности и стратегии околу усовршување на македонските борци за овој стил на борба.

Вики Клинчарова

Поврзани новости