Кичевскиот убиец Владо Танески се најде во емисијата ,,Убиство, мистерија и шминка” посветена на најсуровите злосторства во светот

by Fokus

Приказната за серискиот убиец од Кичево, новинарот Владо Танески, се емитуваше на серијалот ,,МММ” (Murder, mystery and makeup), популарна емисија која се прикажува на Јутјуб каналот и ја следат милиони гледачи од светот.

Емисијата е актуелна околу две години, а во неа младата мејкап артистка Бејли Сариан, додека ги подучува гледачите како правилно да се нашминкаат, раскажува за најпознатите случаи на убиства и мистерии во светот.

,,Чудовиштето од Кичево” е насловена емисијата во која Сариан додека нанесува шминка на лицето, детално раскажува за Танески и за убиствата кои го потресоа Кичево во 2008 година.

Таа зборува за жртвите, повозрасни жени, со слабо образование, кои најчесто работеле како хигиеничарки и живееле во истиот дел на Кичево. Се навраќа на начинот на кој биле убиени, а потоа и пронајдени завиткани во најлонски ќеси, но и за шокантното сознание дека убиецот пред да биде откриен, известуваше за случаите во своите новинарски текстови.

-Мислам дека известувањето за случаите во медиумот каде работел му донело повеќе работа и секако повеќе можности за напредок во работата. Тоа е мојата теорија, иако не можеме да знаеме со сигурност што точно се случило. Но, факт е дека по неговото самоубиство во затворот, убиствата во Кичево престанаа – раскажува Сариан во емисијата која има над шест милиони прегледи до сега.

Танески беше уапсен под сомнение за грабнување, силување и убиство на најмалку три постари жени. Полицијата се посомневала во него откако тој во своите новинарски написи вклучил подробности кои не биле познати во јавноста, во 2008 година. Набргу потоа си го одзеде животот во притворското одделение на тетовскиот затвор, давејќи се во кофа со вода во тоалетот.

Тогаш полицијата информираше дека оставил проштално писмо на креветот во кое пишува дека се гордее со семејството и дека тој не ги извршил убиствата.

Серијалот ,,МММ” ги пренесува приказните за најсуровите случаи на убиства ширум светот и за сериските убијци, а емисијата за Танески е единствена од Балканот. Според Сариан, целта е преку забавен начин да се пренесе пораката до гледачите, да внимаваат на менталното здравје и да можат да препознаат алармантни промени во однесување, кои можат да доведат до трагедии.

Вики Клинчарова

Поврзани новости