Кежаровски: Никогаш нема да дозволам да ме контролираат луѓето, парите и минатото

by Фокус

-И покрај се’ што ми се случи, без оглед на тоа каде работам и што работам, секогаш ќе бидам на страната на вистината, на страната на обесправените, на страната на послабите. Ќе трагам по вистината. Новинарот треба да е глас на безгласните и активист во името на слободата на изразување. Никому нема да му дозволам да гази врз мојот ум со валкани нозе. Никогаш нема да дозволам да ме контролираат луѓето, парите и минатото, пишува новинарот Томислав Кежаровски во својата колумна објавена на Дојче Веле.

Тој вели дека смелоста да мислите поинаку и да го кажете тоа јасно и гласно, може да ја платите на различни начини: По „нечија волја“ станувате предмет на омраза. Може да ви се закануваат, да ве прогласат „соросоид“ и предавник, да ве обвинат дури и дека сте грчки платеник, да ве лустрираат. Најлесно ќе поминете ако на суд ви пресудат парична казна, иако и таа честопати е драконска.

Кежаровски пишува и за катастрофалните услови за живот во истражниот затвор, кој, како што вели, не ги исполнува основните стандарди и каде сериозно се загрозени човековите права.

-Јас сега се чуствувам силен, а и морам да бидам силен. Заради себе и семејството, заради пријателите и колегите, заради сите оние кои на овој или оној начин ми дадоа подршка. Се опирам на искушенијата. Во мене носам гордост и радост. Зашто, убаво е да успееш, ама поубаво е да го видиш разочарувањето во очите на оние што посакале да не успееш, пишува новинарот Томислав Кежаровски кој беше осуден на затворска казна поради два напишани текста.

Поврзани новости